Плажите повторно ќе се издаваат под концесија, најави градоначалникот Кирил Пецаков. Како што изјави, веќе било разговарано во Министерството за транспорт и врски и побарано е плажите да бидат вметнати во урбанистичкиот план за да можат да се издадат повторно.

Веќе е одржан состанок во Министерството за транспорт и врски, од кое е побарано она што треба да претставува урбанизирање, односно вметнување на плажите во опфатите, за да можеме понатака да ги издадеме. Побаравме тие опфати да пристигнат побрзо за да можеме до април да организираме јавно наддавање за издавање на плажите, за да бидат подготвени во текот на летото. Значи, првично ќе пробаме урбанистички да ги решиме, да ги вметнеме во опфатите и на јавно наддавање да ги издадеме под концесија повторно, истакна Пецаков.

Како што вели тој, преземените активности во изминатиот период на плажите на охридското крајбрежје, не било отстранување дивоградби, туку се отстранувала урбана опрема поставена врз согласно проекти врз основа на кои биле издадени плажите под концесија,  додавајќи дека претходната локална самоуправа вклучувајќи ја и централната власт од 2017 некои од 2016, не успеале да ги решат проблемите со концесионерите.

Пецаков истакна дека на крајбрежјето ќе бидат изградени типизирани објекти и дека веќе имало Јавен повик по однос на тоа како треба да изгледаат. Проектите за плажите предвидуваат изградба на објекти од природни материјали, 50 проценти од просторот ќе биде за слободно користење, а 50 отсто за поставување на урбана опрема.

Во однос на работното време на плажите кои во вечерните часови работат како кафетерии и ноќни клубови, Пецаков вели дека тоа е проблем на државата која дозволила тековно да можат да функционираат и како плажи и како клубови.

Тој дел е поврзан со работата на државните институции, а најголем дел од плажите се издаваа од Министерство за транспорт и врски. Делот кој што е поврзан со работата и работното време и дали можат да работат после работното време е прашање за државните институции и тие треба да го дадат одговорот зошто тоа се случува истакна Пецаков. 

K.A.