Како нов градоначалник на Охрид, во првата година од работењето, Кирил Пецаков најави дека ќе бидат реализирани капиталните проекти кои вчера од новите градоначалници ги побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Пецаков истакна дека во следниот период ќе се работи на проекти кои се ветени во програмата, а за дел од проектите кои се предвидени за годинава е веќе отпочнато со подготвување документација и се на пат да бидат реализирани.

Во првите проекти спаѓаат инфраструктурни зафати за реконструкција на улици и плоштади и при крај е постапката со катната гаража, така да  ова се проектите кои ќе бидат завршени и би ја одбележале првата година од работењето, истакна Пецаков на преземањето на градоначалничката функција.  

Пецаков додаде дека од  денес започнуваат нови четири години, во кој гарантираше дека секојдневно  ќе работи посветено за решавање на проблемите на Охриѓани и Охрид како град.

Приоритети ќе бидат сите оние проблеми за кои во кампањата често говоревме и секако сите оние потреби кои граѓаните ќе ги истакнат како еден вид на проблем кој ќе треба да го решиме. Пред нас е период во кој ќе воведеме темпо на работа, во кој се надевам дека службите и  јавните претпријатија ќе не следат во чекор за да докажеме дека Охрид заслужува вистински да биде на пиедестал, додаде Пецаков.

К.А.