Со пригодна свеченост што се одржа вчеравечер, Пчеларското здружение „Охрид“ одбележа јубилеј од 50 години успешна работа.

Во името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Во текот на изминатите пет децении, ова здружение има дадено голем продонес во развојот на земјоделството во нашиот регион, промовирајќи го значењето на пчеларството и производството на мед, како неизоставен дел од нашето секојдневие. Пчеларството не е само земјоделска гранка, туку е и важен столб на целиот екосистем, а пчелните производи се силна алка во исхраната на човекот и заштитата од болести. Пчеларското здружение преку своите членови и искусни лица овозможува ресурси и знаење кои создаваат поволни услови за одржливо пчеларство, одгледување на здрави пчели и производство на висококвалитетен мед, рече Китески.

Упати признание и благодарност до основачите на здружението и сите активни членови, кои го одржуваат и градат, ги следат современите трендови и го позиционираат Охрид на мапата на успешни пчеларски региони.

Верувам дека и во иднина ова здружение ќе продолжи да работи посветно во доменот на заштита на пчеларството и унапредување на оваа значајна дејност. Локалната самоуправа секогаш е насочена кон вреднување на успешните приказни и во рамки на нашите ингеренции, ќе бидеме отворени за соработка и поддршка на вашите програми и активности, додаде Китески посакувајќи им успешно работење, плодни сезони и безброј кошници мед.

На пригодната свеченост која се одржа во големата сала на Општина Охрид свое обраќање имаше и претседателот на здружението Наум Трпчески.

OhridNews