Интернационалниот судија Кире Негриески се погрижи да биде во главна улога на бараж мечот за влез во третата МФЛ одигран на Билјанини Извори, помеѓу Лешани и Демир Хисар.

Негриески натпреварот кој заврши со 7-1 го водеше небаре се води “војна“ покажувајќи четири црвени картони. Еден на “гостите“ и дури три за “домашните“ од кои два директни. Во финишот на мечот Лешанци мораа да стравуваат да не го налутат Негриески па да им исклучи уште еден играч, па и при водство од 7-1, да го изгубат мечот со службени 3-0 и да не се пласираат во баражот.

Својата “големина“ касапот Негриески ја искажа на нашиот фоторепортер не дозволувајќи му да ја извршува професионално својата работа. “Исклучувањето“ на фоторепортерот следуваше по реакцијата на аситентот и познавачот на фудбалските правила Симе  Грданоски.

Вистинско прашање е од кога судиите па макар биле и интернационалци, ќе имаат таква моќ, да одлучуваат кој што може да работи на фудбалскиот терен,  небаре гледачите и известувачите се дојдени да ги гледаат нив, а не фудбалерите.

Докога  фудбалот во Македонија ќе се игра за службените лица кои без никаков слух (чест на исклучоци), се обидуваат да уништат нешто што екипите го граделе во целата година , кои пак едвај врзуваат крај со крај да ги подмират таксите на службените лица.

Кога  конечно ќе сватат дека фудбалот не се игра за нив, туку за гледачите, кои поради ваквиот однос од ден на ден ги има се` помалку и помалку на трибините.

М.Постоловски