Откако пред неколку години беше донесен Законот за увоз на возила со миниум стандард еко 2 и стари до 17 години, македонскиот пазар веќе подолг временски период е преплавен со голем број половни автомобили.

Голем дел од возилата кои се увезуваат од западно-европските земји, Германија, Словенија и Италија, односно од соседна Бугарија, можат да се најдат по интернет и печатените огласници, а многумина сметаат дека секоја трета кола во земјава е со налепницата „Се продава“.

Продавам по неколку возила во годината, бидејќи тоа ми остана единствен извор за егзистенција. Цените за некого се ефтини, за некого скапи. Во овој бизнис сум веќе шеста година, но се потешко може да се продаде кола. Народот е сиромав, а пазарот презаситен. Многу кои останаа без работа се одлучија да постанат трговци. “ – вели охриѓанец, кој откако ја загубил работата се одлучил да препродава половни автомобили.

Огласите преплавени со автомобили

На „Интернет“, поголемиот дел од огласите се однесуваат на половни автомобили, чии сопственици со месеци безуспешно се обидуваат да ги продадат. Покрај со домашни, голем број од возилата се со странски таблички и со цени кои вклучуваат платени давачки до регистрација. Автомеханичарите предупредуваат дека мора да се внимава при купувањето на автомобил увезен од странство.

Одамна гледам коли на интернет, но и од искуство на мои пријатели. Цените на некои возила се нереално ниски и доста сомнителни. Потребно е големо внимавање не само од технички аспект, туку и од безбедносен. Дали автомобилот е регуларно одјавен од земјата од каде што најпрво е увезен. Посложено е доколку колата се увезува директно без посредник од странство. Прилично комплицирана процедура и просто кажано, мачка во вреќа.“ – вели автомеханичар од периферијата на градот, кој инсистираше на анонимност.

Авто-плацевите имаат и за „извоз“

Неколку сопственици на автоплацеви од земјава, со кои успеавме телефонски да контактираме, откриваат дека презаситениот пазар со години ја задушува трговијата со половни автомобили. Иако не сакаат јавно да говорат колку автомобили продаваат на годишно ниво, сепак со заеднички став „ако нема ќар, никој нема да го работи тоа“.

Откако се воведе мерката и решението за увоз на возила стари до 17 години и со еуро 2 стандард, пазарот се презасити со половни коли.  Продажбата во последните четири-пет години е намалена до 60 проценти. Сепак, се уште се наоѓаат купци. Некои за свои потреби, а некои за препродажба. Можат да се најдат и подобри коли со повисоки еколошки стандарди, но цените се повисоки.“ – велат дел од сопствениците на авто-плацеви од земјава.

Отворен автопазар во Охрид

Овој месец во Охрид беше отворен долгонајавуваниот автопазар, лоциран на дел од паркинг просторот кај градските гробишта, кој ќе работи секоја недела од 7 до 12 часот. Дневен закуп за продажно место за мотоциклите е 50 денари, за автомобили 100 денари, товарни возила до 10 тона- 200 денари, за товарни возила со над 10 тона, 500 денари. Дневен закуп на тезга е 300 денари, а закуп за период од еден месец 1000 денари.  

Со отварање на автопазарот локалната самоуправа, во соработка со јавните претпријатија „Градски пазар“ и „Градски гробишта“ им излезе во пресрет на барањата на охриѓани и жителите од околните места, како и на трговците со половни автомобили, со тоа што тие повеќе нема да има потреба да патуваат во други градови.“ – изјави неоддамна градоначалникот Никола Бакрачески.

O.T.