Најлонски кеси кои висат од сите страни и прокиснуваат при врнежи од дожд, канти во кои тече вода, ова е глетката која може да се затекне деновиве на градскиот пазар во Охрид. Поставените најлонски кеси засега се единствената заштита за продавачите на тезгите и од силното сонце во летниот период  и од врнежите од дожд и снег.

Продавачите со апел до надлежните што поскоро да започне изградбата на најавениот современ пазар.

Нема, никој не доаѓа да пазари кога врне, еве цел ден стоиме тука а немаме речиси никаква заработка. Немаме ни каде да се засолниме. Кесите едвај не штитат колку да не накиснеме целосно, ама не се издржува цел ден, ладно е дува од сите страни а и не му личи на Охрид ваква глетка, стари кеси висат од секаде, искинати, велат продавачите на земјоделски производи.

Од ЈП Градски пазар информираат дека во моментов се чека на одобрение за градба од министерството за транспорт и врски за да може да отпочнат активностите за изградба.

Новиот современ пазар чија изградба се очекува подолг период ќе го гради градежната компанија АД „Илинден“ од Струга, која ќе биде приватен партнер на општината. Според најавите од локалната самоуправа, новиот објект во чии рамки ќе биде затворениот зелен пазар ќе биде на четири нивоа.

Т.К.