Пазарџиите ги ставија во мирување протестите што вчера   ги организираа низ целата држава во знак на револт од фискализацијата и најавија дека од денеска  ќе продолжат со работа.

Протестот беше прекинат по средбата на раководството на Здружението на пазарџиите со министерот за финансии Трајко Славески и директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски на која бил постигнат договор да почнат преговори меѓу пазарџиите и претставници на надчежните органи. На средбата пазарџиите добиле ветување дека за време на преговорите инспекциските служби и организаторите на пазарите нема да  вршат притисок за фискализацијата.

Охридскиот пазар вчера беше полупразен. Половина тезги работеа, половина беа затворени. Раковордниот тим на ЈП „Охридски Комуналец“ вчера имаше интензивни разговори со пазарџиите и локалната самоуправа во обид да се изнајде решение за проблемот.
Во Струга пак пазарџиите беа единствени и пазарот воопшто не работеше, затворени беа сите тезги.


охридскиот пазар вчера работеше…


…струшкиот беше затворен

Пaзарџиите велат дека е невозможно и неисплатливо да се фискализираат пазарите. „Како ќе се фискализирам кога цената на производот во пазарен ден се менува на секој час. Работиме во ненормални услови, на промаја, на сонце, на дожд, без никаква заштита, робата скапува, кожата ни ја одраа и сега сакаат уште да се фискализираме па има ли услови за тоа на пазарите кои не личат на ништо“, ни вели во разговор пазарџија.

Пазарџиите бараат наместо фискализација и натаму да плаќаат паушал за користење на тезгите за кои секој месец плаќаат по околу 5.000 денари закупнина.

Г. Момироски