Групацијата на зелените пазари во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, смета дека решението во Законот за измена и дополнување на Законот за трговија, како и решението кое сега се предлага од Министерството за финансии за дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, со кои на организаторите на зелените пазари им се наложува да купат и да монтираат фискален систем на опрама за регистрирање на готовинските плаќања за корисниците на продажните места се неуставни и незаконити.
Со тоа, организаторите на зелените пазари се доведуваат во нерамноправна положба на пазарот и во прометот, а со закон им се наметнува обврска да чинат нешто за што по природата на работите не се обврзани. За членките на Групацијата е несфатливо да купуваат опрема за промет на добра што ги врши некој друг, неводејќи сметка за тоа дека организаторите на зелените пазари не вршат промет на зелените пазари, туку се само даватели на услуги. За нив, пак, пазарите издаваат уредни фискални сметки.
нема услови за фискализација на пазарите?
Со предложеното решение за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, се воведува парцијално и издвоено решение со кое се востановува посебна нетипична законска обврска само за организатори на зелени пазари со што истите се издвојуваат и ставаат во нерамноправна положба во однос на останатите трговци – даночни обврзници.
Покрај тоа, спорно е што ќе се случи ако се украде фискалниот апарат, што ако биде уништен свесно или од невнимание, колкав е бројот на фискални апарати што треба да ги набави организаторот на зелен пазар и за кој број на корисници, што ако се набават повеќе, а договор склучат помал број на корисници, се наведува во соопштението што до медиумите го испрати Групацијата на пазарите.
Со оглед на големиот број нелогичности во врска со фискализацијата, Групацијата на пазарите предлага до расчистување на сите дилеми и отворени прашања законското решение за дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања да се повлече од процедура и да се одложи примената на Законот за измена и дополнување на Законот за трговија со што е востановена обврската за фискализација и обврската организаторите на зелени пазари да обезбедуваат фискален систем на опрема за корисниците на продажните места.