Директорот на јавното претпријатие “Охридски комуналец “, Боро Павлоски денеска одговори на прашањата поставени од пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Анита Кипаризовска- Крстеска на минатонеделната  прес-конференција. Кипаризовска – Крстеска запраша зошто директорот молчи за средствата што се предвидени во буџетот за јавна хигиена и јавно зеленило.

“Менаџирањето во претпријатието се базира врз искористување на сите расположливи ресурси. Нашето менаџирање не се состои во плачење и барање пари, туку во искористување на сите можни ресурси  и релативно сме успешни во оваа работа. За решавање на проблемите, моето место на обраќање е таму каде што треба да се бараат средствата”, изјави Павлоски. Тој одговори на конкретното прашање од пратеничката зошто со градскиот буџет за 2008 година  се предвидени само 9 милиони денари.

“При донесувањето на програмата за работа за 2008 година на јавното претпријатие и буџетот на општината, од  страна на локалната, наместо предвидените околу 35 милиони денари, со точна спецификација беа предложени 9 милиони денари. Јас бев еден од ретките кој укажа дека не може целата работа да се сработи со 9 милиони денари. Без разлика на тоа, програмата и буџетот се изгласаа на советот на општината без да се интервенира  во техничкиот дел од програмата што е апсурд” рече Павлоски и објасни дека програмата е едногласно донесена вклучувајќи ги и советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
 
Директорот Боро Павлоски кажа дека  ниту еден пратеник  не го посетил претпријатието за да ги согледа проблемите и дека пратениците можат да помогнат во нивното решавање преку лобирање да се врати заостанатиот долг  што го имаат државните институции кон ” Охридски комуналец”, или да се помогне да се добијат проектите со кои претпријатието аплицирало некаде.
 
“Би ги повикал пратениците да  внимаваат околу изјавите во врска со законското работење на “Комуналец”   а доколку се каже дека се крши законот, да се наведе по кој член. Ова  се чувствителни теми кои ја попречуваат успешноста на претпријатието и ја нарушуваат довербата кон граѓаните”, објасни Павлоски.

ohridnews