Официјален записник од РФМ и ЕХФ немаме добиено и за забелешките во однос на салата Билјанини извори се информиравме од медиумите, изјави денеска директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Боро Павловски, во врска со информациите дека доколку не се отстранат одредени недостатоци, постои опасност Охрид и Макдонија да ја загубат организацијата на Европското првенство во ракомет за жени што од 2 до 14 декември треба да се одржи во нашата земја.
Иако ги немаме добиено, убеден сум дека тие забелешки не се големи и нема да ја загрозат организацијата на ЕП во Охрид, изјави за Ohridnews, Павлоски. Имаме добра соработка со РФМ и ја имаме подршката од локалната самоуправа и ќе направиме се ЕП да се одржи во Охрид, додава Павлоски.
Павлоски смета дека евентуалното одземање на организацијата на ЕП на Охрид ќе биде голем удар за Охрид. Најмалку ќе биде важно тогаш кој е одговорен за тоа , вели Павлоски. Тој сепак смета дека Охрид како туристички центар со целиот свој капацитет е идеално место за одржување на натпреварите од ЕП и дека до одземање на организацијата од страна на ЕХФ нема да дојде.
Како што веќе информиравме на неодмана одржаниот состанок во Лилехамер челниците на ЕХФ на ген-сек. на РФМ, Марјан Начески му пренеле дека доколку за брзо време не се отстранат посочените недостатоци постои можност на Македонија да и биде одземена организацијата на ЕП.
Г. Момироски