„Извештајот на Надзорниот одбор – Н.О. за работата на ЈП Охридски комуналец е паушален и тенденциозен“, смета директорот на јавното комунално претпријатие, Боро Павловски.

Павловски денеска на 31 седница на Советот, ги отфрли забелешките на Н.О. дека Комуналец работел незаконски и обвини дека извештајот не кореспондира со реалната состојба. Тој рече дека помеѓу него и Н.О. нема никаква комуникација и дека одредени членови буквално украле дел од документацијата на јавното комунално претпријатие за што беше најавено дека ќе бидат известени соодветните надлежни органи.

Според Н.О. ЈП Охридски комуналец работело во спротивност со законот за комунална дејност и подигало кредити без одобрение на Советот на општината.  Н.О. смета дека  ЈП Охридски Комуналец, незаконски го отуѓило бродот Галеб, а приходот како што стои во извештајот не е инкасиран во јавното претпријатие, туку со цесија се исплатени долгови. Надзорниот одбор во извештајот наведува дека не бил известен за работењето на спортскиот центар, во работните единици Пазар и Механизација подолго време не работеле фискалните апарати, услугите се наплаќале со парагон блокчиња, а финансиските извештаи за работата на работните единици нереално биле прикажувани.

Според Павловски отуѓувањето на бродот „Галеб“ не е извршено незаконски како што се наведува во извештајот на Н.О., туку дека тоа е школски пример на законски спроведена постапка, за што како што рече е запазена целокупната постапка која ја одобрил и Советот на општината. Павловски тврди дека не држат и забелешките околу кредитното задолжување на јавното претпријатие, како и за работата на СРЦ Билјанини извори.

Павловски рече дека долгот по основ на ДДВ прикажан во завршната сметка во висина од 11 милиони денари се однесува на судски извршни решенија од 1998, 99 и 2000 година и дека тие сеуште доспеваат. Тој рече дека со пожртвувано залагање на сите вработени долговите се сервисираат редовно секој месец и дека доколку не биле старите долгови ЈП Охридски комуналец ќе ја започнело фискалната година без долг по основ на ДДВ.

Тој призна дека во работата на јавното комунално претпријатие има и грешки, но вели дека нема суштински. Павловски тврди дека паркинзите и пазариштето работат законски и дека и покрај тоа што не се употребуваат фискални каси се плаќа ДДВ. Тој ги отфрли и обвинувањата за двојни стандарди во работата на “пајакот“, бидејќи како што рече ова возило работи по налог на сообраќајната полиција.

Павловски денеска ги потврди обвинувањата што од советничката говорница ги изнесе советникот Петре Петрески дека одредени членови на Н.О. се должници на ЈП Охридски комуналец и искажа жалење што Советот не расправа за тоа дали всушност јавното комунално претпријатие ја врши добро или не својата работа.

На барање на претседателот на комисијата за финасирање и буџет, Бранко Трпчески, расправата по извештајот за работата на ЈП Охридски Комуналец беше одложена за да се оствари заедничка средба помеѓу комисијата, директорот на Комуналец, Надзорниот и Управниот одбор.

Г. Момироски