Охридската гимназија да стане музеј во кој ќе бидат изложени вредните артефакти и културни вредности на Охрид. Ова го предлага проф. д-р Павле Митрески во отвореното писмо што во вчерашниот број го објави „Утрински весник“:

„За Охрид многу патописци, новинари, научни работници, археолози, историчари, писатели запишале во своите трудови дека станува збор за град-музеј. Да, тоа е точно. Меѓутоа, низ вековите Охрид навистина нема музејска зграда во која би биле сместени најважните музејски, историски, етнографски, уметнички, нумизматички предмети и други старини. Зградата на Робевци навистина е ремек-дело на охридската архитектура од 19 век, но таа не е за музејска намена, иако повеќе од 50 години се користи за изложување старини. Навистина е голема импровизација. Охридскиот Завод и музеј во своите депоа чува бројни интересни експонати, на кои ќе им позавидат многу познати музеи не само од Балканот туку и од Европа. Група охридски интелектуалци, меѓу кои сум и јас, предлага охридската гимназија да стане охридски музеј, а на сметка на тоа државата да изгради нова современа гимназија. Зошто?


Гимназијата да стане Музеј!?

Изградбата на денешната охридска гимназија започнала во 1908 година по една фотографија од француска зграда во неокласичен стил, а инвестирал Ејуп Сабри од Охрид. До 1944 година оваа зграда имала различни намени: турска управа, војничка касарна, општина, гимназија и др. За жал, во 1936 година двата потпокривни ката ги зафати пожар и ова прекрасно здание засекогаш ја загуби вистинската вредност. Меѓутоа, во 2006 година, овој објект е реставриран, обновен, вратен во првобитниот сјај, што може да се види од приложената фотографија. Денес оваа зграда е вистински музејски објект. По примерот на стари музеи од Белград, Виена, Париз, Петербург и други светски музеи, ако во оваа зграда се смести охридскиот музеј, навистина ќе претставува голем културен настан. Во неа ќе бидат експонирани голем број музејски вредни предмети и верувам дека многубројните туристи ќе бидат восхитени од големото македонско културно богатство, кое се чува во депоата на повеќе приватни згради.

Така, оваа зграда гордо го дочека новиот милениум, а претставува крстопат на трите временски димензии: минатото, сегашноста и иднината. Достојно го носи името на св. Климент Охридски – симбол на непокорот, истрајноста и вербата во иднината“, вели во отвореното писмо професор д-р Павле Митрески.

ohridnews