Составот на Ренова го забележа првиот триумф на подготовките во Охрид совладувајќи го тимот на Шкупи со минимални 1-0. „Гипсарите“ погодокот за победа го постигнаа во финишот првиот дел. Стрелец беше Ремзифаик Селмани.

Ги отстрануваме последиците од паузата поради вирусот ковид -19. Знаете дека ние како клуб бевме први кои имавме позитивни играчи и мораше да паузираме пред сите екипи. Дел од повредените играчи ни се вратија, а полека заличуваме на она што јас како тренер сакам да го видам во текот на сезоната. Конкретно на дуелот со Шкупи изобилуваа добрите моменти, но мора уште да работиме и во топ форма да го започнеме новиот шампионат. – изјави тренерот на Ренова, Бујар Ислами.

Предводникот на Шкупи од клупата Муарем Бајрами е задоволен од играчите и покрај тесниот пораз од „гипсарите“.

Одигравме добар натпревар, креиравме доста шанси а од едно мало невнимание примивме погодок. Видовме до каде сме и каде грешиме. Треба да се поправат некои работи, но за тоа е потребно време бидејќи сите паузиравме доста долго. – рече Бајрами.

Ренова во првиот тест ремизираше со Струга Трим Лум (1-1), додека Шкупи беше подобар од Охрид со 3-1. Викендов двата клуба ќе одиграат нови контролни мечеви. Шкупи силите ќе ги одмери со Струга Трим Лум додека Ренова ќе се сретне со Пелистер.

OhridNews

Пелистер подобар од Охрид, минимален триумф на Ренова против Шкупи