Патниот правец Охрид-Ресен преку Галичица, од месноста Корита до Отешево повеќе од пет месеци е затворен за сообраќај за сите возила. Иако станува збор за сезонско затворање на патот, кој според најавите требаше да биде исчистен и прооден до 31-ви март 2015 година, преку овој патен правец се уште не може да се патува.
Поради ваквата состојба на патот голем број туристи кои во текот на овој период од годината сакаат да ги видат убавините на планината се спречени во таа намера, но има и такви кои поради неинформираност за состојбата на патот заглавиле со своите возила.
Ваков случај бил евидентиран минатата недела, кога морала да интевенира Единицата за спасување на планина која функционира во рамки на Црвениот крст во Охрид. Според информациите кои ги добивме оттаму, се работело за туристи од Скопје кои биле во туристичка посета на Преспанскиот регион и решиле да патуваат до Охрид преку овој патен правец.
-Поради тоа што патот не е исчистен, заглавиле во снегот со своето возило. Кога се обратија до нас за помош, ние пристапивме од потегот на Корита но поради снегот не успеавме да стигнеме до нив со возило, па беше потребно од другата страна некој да ги извлече. За среќа, во близина на местото каде што беше заглавено возилото имаше паркиран трејлер со француски туристи кои ни помогнаа во извлекувањето на возилото од снегот, раскажува Антонио Додевски од Единицита за спасување на планина.
Тој нагласува дека и скопските и француските туристи тврделе дека не забележале сообраќаен знак од страната на Отешево, како преупредување дека патот е затворен и не е прооден.
-Од нашата страна односно од правецот на Трпејца има предупредување дека патот е чист само до месноста Корита и дека понатаму не е прооден за сообраќај. Доколку тврдењето на туристите е вистина и дека од другата страна на патниот правец нема предупредување, тоа може да значи дека голем број туристи и патници се враќаат назад кога ќе дојдат до делот на патот каде има поголема количина на снег на коловозот, вели Додевски.
Од охридската секција на ЈП „Македонијапат“ велат дека немаат информација дали од страната на Отешево има знак за предупредување дака патот е непрооден.
-Јас можам да кажам дека од нашата страна има поставено соодветен знак за предупредување. Нашите екипи и во текот на зимата го одржуваа прооден патот до месноста Корита, но од тој потег нагоре патот не се одржуваше преку зима. Бидејќи оваа зима беше многу снежна, на патниот правец имаше големи наноси на снег, па потребна е поголема механизација за чистење на истиот, која треба да ја обезбедни подружницата од Битола. Очекувам деновиве патот да биде целосно исчистен, ни изјави во телефонски разговор, Крсте Ташкоски, одговорен за секцијата на ЈП „Македонијапат“ во Охрид.
Раководителот на подружницата на „Македонијапат“ во Битола Веселинчо Спасевски не информираше дека во текот на вчерашниот ден од страната на Ресен се работело на расчистување на овој патен правец.
Известување од АМСМ
Известување од „Македонијапат“
-Ние имаме обврска патниот правец преку Галичица да го пуштиме за сообраќај до 1-ви мај. Екипите кои беа на терен ме информираа дека поголем дел од патот е веќе пробиен. Интензивно ќе се работи на расчистување и во текот на наредните денови, а од 1-ви мај очекуваме да ја симнеме забраната за сообраќај на овој патен правец, појаснува Спасевски.
Инаку патниот правец Охрид – Ресен преку Галичица беше времено затворен за сообрќај од средината на месец ноември 2014 година.
Е.М
Фото-Архива