Изграден пред повеќе од седум децении, а потоа речиси заборавен, особено по осамоистојувањето на земјава, регионалниот пат Охрид – Св. Наум, кој е главна сообраќајна артерија на источното крајбрежје на Охридското Езеро, во лето претставува голема опасност како за охриѓани, така и за туристите. Особено за овие вторите кои често не се свесни за опасностите кои ги крие тесниот пат, каде на места едвај можат да се разменат возила. Неодржувањето и густата вегетација за која исто така никој не се грижи, дополнително го прават овој пат уште понебезбеден.
Со почетокот на туристичкиот шпиц се зголеми и бројот на незгоди на патниот правец Охрид – Св. Наум. Само викендов се случија повеќе. Во најмалку две од нив учествуваа странски возила. Воп едната се судрија германско и македонско, а вчера возило од Албанија од една и друго со шпански државјани. Имаше и повредени кои со возило на Брзата помош беа пренесени во болница.
Поради незгодата сообраќајот на овој патен правец, според очевидци, бил во прекин повеќе од час и половина. Колони возила во двата правци. И вака е секое лето. Всушност станува полошо, коментираат охриѓани. Разочарани се од неспособноста на институциите и властите кои три децении го маргинализираат и уназадуваат Охрид, но и односот на дел од невладиниот сектор.
Од една страна се замижува на аздисувањето на локалните моќници, непланската градежна експанзија и подемот на дивоградбите, уништувањето на крајбрежјето и реалните проблеми кои го кочат развојот на туризмот, но и на градот. Од друга страна, пак, се наметнува некаква невладина агенда која, во одредени случаи нема допирна точка со реалноста. Нам ни треба одржлив развој, а тоа не може да се постигне со неспособни институции и агенди од кои, впечаток е, наместо пошироката заедница, корист како да имаат поединци и некакви организации, револтирано коментираат граѓаните.
Социјалните мрежи деновиве се полни со коментари за состојбата на патот Охрид – Св. Наум кој, според охриѓани, неопходно и итно има потреба од реконструкција и санација и во најмала рака, проширување.
Охрид е втор административен центар во земјата. Летна резиденција на претседателот, место каде се одржуваат бројни политички и други настани. Што би се рекло, секој втор ден некаква делегација е во градот под Самуиловите тврдини. И власт и опозиција и централна и локална, сите врват по уништениот пат Охрид – Кичево каде и по потрошени 650 километри не е пуштен во употреба ни километар автопат. Згора на тоа стратешки важниот пат од Охрид до Св. Наум и граничниот премин со Албанија е во очајна состојба, небезбеден и опасен.
Наместо туристичка дестинација до која ќе се стигнува брзо и безбедно по модерни автопати од север, југ, запад и исток, Охрид денес е слепо црево. Побрзо до Охрид се стигнува со авион од европските градови, отколку со возило од главниот град на државата одалечен само 170 километри. А од аеродром до Охрид патешествие од седум километри по дупки и слалом низ знаците за работа на патот, која како и да ја нема. УНЕСКО е крив?
Г.М.