Чекор по чекор или пак трпеливо до целта може да се нарече одисејата на Горан Пандев во најсилната лига на Апенинскиот полуостров.
Се започна тивко, бесчујно кога како голобрадо момче Пандев заедно со неговиот соиграч од Беласица, Ацо Стојков заминаа на проба во Интер. Ретко, а можеби никој па и самиот Пандев не се надеваше на блескава кариера и импозатни бројки какви што има зад неговото име.
По успешната мината проба во Интер македонскиот интернационалец продолжи да тренира со младинците три години пред да биде позајмен во Специја и Анкона по една сезона.
Во Специја немаше забележителни резултати бидејќи играше во пониските лиги, но во Анкона иако по само една сезона испадна од „калчото“ го акумилираше искуството и го потисна стравот, а неговите зрели игри беа забележани од Лацио, кој го искористи трансферот на Дејан Станковиќ за да им го „украде“ на „нероазурите“ Пандев.
Трансферот во Лацио беше полн погодок за двете страни. Тим со скриени амбиции и играч, кој допрва требаше да го даде својот придонес за најпопуларниот спорт во светот.
Во дресот на „небесносините“ помина пет години, освои еден трофеј и тоа во Купот на Италија победувајќи ја Сампдорија во финалето по изведување на пеналите.
Покрај титулата во Купот, настапите на Пандев во Лацио ќе се паметат по двата голови против Реал Мадрид на „Олимпико“, „велеслаломот“ против Јувентус, погодок за победа во градското дерби со Ромаи многу други…
На инсистирање на Жозе Мурињо, Пандев се врати на „Џузепе Меаца“ и тоа во вистинско време кога Интер доминираше во Италија.
Со доаѓањето на Пандев во составот, Мурињо ја донесе коцката која му недостигаше за неговиот шампионски мозаик. Струмичанецот дебитираше против Милан и тоа со погодок од слободен удар за победа 2-1 и најави „златна“ епизода во дресот на Интер. Сезоната избраниците на Жозе Мурињо стигнаа до тројна круна и Пандев си обезбеди место во историјата на миланскиот клуб
На местото од Мурињо дојде Рафа Бенитез, тренер, кој со своите чудни потези веднаш го сврти гневот кон себе од навивачите на Интер. Тоа беше доволен знак за Пандев дека треба да замине и се пресели во Наполи.
Таму беше дочекан како фудбалски велемајстор, со најава во „НБА стил“ и стоечки овации од целиот стадион. Пандев тивко како и целата негова кариера се наметна кај Валтер Мацари, кој неможеше да го замисли составот без Македонецот.
Во првата сезона со Наполи, македонскиот интернационалец стигна до првиот трофеј и тоа пак во Купот на Италија победувајќи го Јувентус.
По година и пол соработка со Мацари во Наполи, тој се пресели во Интер, а неговото место го зазеде Бенитез, кој веќе имаше работено со Пандев.
За разлика од деновите во Интер, Бенитез и Пандев сега соработуваат одлично, тоа е очигледно на теренот а и резултатите го говорат истото.
Бенитез веруваше во Пандев, му пружи шанса за јубилејот во Серија А да го прослави против својот екс клуб Лацио, а тој да возврати со асистенција, погодок како што му доликува на еден фудбалски велемајстор.
Кариерата во Серија А на Пандев низ бројки : Анкона (20 настапи/1 погодок), Лацио (159/48), Интер (46/5), Наполи (75/16).
Михаил Постоловски