Дебитантскиот настап во изборот за најдобра атлета во Македонија вечно ќе го памети охриѓанецот Дејан Трајкоски кој го освои златниот медал. Тој доминантно триумфираше во својата категорија „Мan physique“ до 180 сантиметри, а за еден поен му побегна епитетот апсолутен победник во сите конкуренции.
Трајкоски скоро година дена постепено се подготвуваше за ова натпреваруње на кое учесници имаше од целата земја, а три години фитнес и боди билдинг тренинзите се негова пасија.
– Подготовките ги започнав минатиот декември, а инаку со фитнес и боди билдинг се занимавам три години. Се дојде спонтано и никогаш не замислував дека ќе учествувам на едно вакво натпреварување, а на крај памет не ми беше дека ќе успеам и да победам. – рече Трајкоски на почетокот од разговорот и додаде: – Од почетокот до крајот имав режим во исхраната, а темпото го зголемував од тренинг во тренинг. Последните два месеци ми беа пеколни во буквална смисла на зборот. Тренирав многу напорно, во теретана поминував повеќе време отколку дома. Го променив начинот на живот, мислев само на тренинзите, што сега од оваа гледна точка се исплатеше.
Волјата за здрав и спортски живот и добриот изглед беше пресуден фактор за Трајкоски да се одлучи да се занимава со „ладните железа“.
– Сакав да бидам пред се здрав, а потоа да изгледам убаво. Сум пробал различни спортови, но во фитнесот и боди билдингот се пронајдов. Се фокусирав максимално и желбата се повеќе растеше, а идејата да излезам на официјално натпреварување беше на Гоце Мојсоски и Климент Србиноски кои во продолжението ми беа лични ментори. Многу научив од нив, а токму тие ми беа најголемата поддршка во текот на тренинзите и натпреварувањето. – потенцираше Трајкоски.
Некогашниот апсолутен победник во Македонија, Мојсоски смета дека Трајкоски има светла иднина и потенцира дека судбината и се останато е во негови раце.
– Тој има многу голем потенцијал, има и желба, а понатаму се е во негови раце. Ние секогаш ќе му помагаме и сугерираме, а ќе биде жално ако тој застане тука. Има многу натпреварувања во нашите соседни држави и подалеку, но за тоа се потребни многу повеќе финансии, волја и голема желба. – истакна Мојсоски.
24-годишниот охриѓанец по триумфот во изборот на атлета на Македонија веднаш ги стартуваше подготовките за националниот Куп кој ќе се одржи следната година.
Михаил Постоловски