Денес се вбројува меѓу најдобрите играчи во електронскиот свет на “Е-Спортот“. Глобалната корона-криза ја поттикна афирмацијата на оваа игра во Македонија која е добро позната во Охрид. Охриѓанецот Александар Ќулукоски-„Цацанито“ (20) ексклузивно за OhridNews раскажува за почетоците, постигнувањата, предизвиците и ја открива тајната на успехот.

„Кантер 1.6“ започнал да игра додека бил во основно училиште. Модифицираната верзија позната како „Глобал Офензив“ разбудила уште поголем интерес кај охриѓанецот кој од 2017 година константно се пробива меѓу топ играчи во светот.

Секој еден што играл „Кантер 1.6“ порано и сега „Глобал Офензив“ почнал да игра рекративно и со друштво. Со тек на време тоа станува се поинтересно и понеизвесно. За да постигнеш одреден квалитет, слично како и во “реалните“ спортови мора повеќе време да играш и да тренираш. На почетокот тоа беа “само“ 3-4 саати од забава. Сега се случува да играм и тренирам дури до 10 часа дневно. Нашиот тренинг се состои од разговор со колегите, разменување на искуства и откривање на новитети, а не само од „седење пред компјутер“. Кога се подготвуваме за некое големо натпреварување имаме состаноци почесто, некогаш консултираме и психолог со кого разговараме на теми, кои немаат допирна точка со играњето. – вели Ќулукоски.

Александар Ќулукоски „Цацанито“

Во 2017 година одлучил да направи чекор напред во „Глобал Офензив“, пријавувајќи се на различни платформи и натпреварувања каде играат многу повеќе натпреварувачи и каде конкуренцијата е поголема.

Целта да стигнам до десетто ниво на „Фејсит“ платформата каде има 20 000 натпреварувачи беше брзо остварена. Потоа се преселив во Премиум лигата каде се натпреварував со полу-професионалци од целиот свет. Пред крајот на август и почетокот на септември успеав да се пласирам во најголемата „ФПЛ“ професионална лига каде играат најдобрите играчи. Во ФПЛ лигата не е сигурен опстанокот, туку констатно треба да се бориш и напредуваш, бидејќи ако завршиш последен на табелата испаѓаш и можеби никогаш нема да се вратиш назад. – рече Ќулукоски.

Изборот на спорт бара „стрпливо“ седење пред компјутер, време за социјален живот има доволно, а слободното време го минува во кругот на пријателите. Еве само дел од неговите рецепти за успех.

Клучни работи за успехот во Кантер се добриот сон, добар избор на храна и здраво тело и ведар дух. Дел од слободното време задолжително го поминувам во фитнес центарот „Фит Форм“, потоа излегувам со другарите каде што разговараме на секакви теми и уживам во убавините на Охрид. – истакна Александар.

Коронавирусот и пандемијата во светски рамки позитивно влијаела на афирмацијата на играта во македонски рамки. Позната, но не толку популарна е играта во која своевремено охридскиот тим “Ентити“ имаше забележителни успеси.

Со оглед на карантините и ограничувањето за излегување во речиси сите земји, кантер играта доби на популарност и се игра повеќе од било кога. Кај нас во Македонија немаше голема заинтересираност и покрај сите акции кои ги прави Македонската Е-спорт федерација. Во Охрид, пак, кантер се играше, а најголем виновник е тимот „Ентити“, кој беше доста популарен во градот. Но ништо значајно кога ќе се спореди со држави какви што се ервропските земји Данска, Норвешка и Шведска и Австралија, каде што децата кои се добри во Е-спорт игрите посетуваат специјални училишта. Тие за кратко време ќе го поминат рекреативното ниво и  многу брзо напредуваат на рејтинг листите – рече Ќулукоски.

Неизбежно беше прашањето за неговиот прекар „Цацанито“.

Кога бев мал не можев најдобро да го изговорам моето име. Прво почнав да се викам „Тантам“, а братучетка ми почна да ме вика Цацан. Јас си го додаов „ито“ и станав „Цацанито“, прекар под кој ме препознаваат на сите платформи. – ни откри Ќулукоски.

„Цацанито“, кој долго време бил дел од тимови кои се натпреварувале на интернационални турнири, моментално настапува индивидуално и засилено гради “соло“ кариера.

Мојот успех моментално е индивидуален, секако дека претходно бев дел од екипа. На интернационално ниво бев во екипата од шпанскиот град Тенерифе. Со тимот од Тенерифе се натпреваруваме во Барселона и Брисел каде што учествував со најдобрите кантер играчи во светот. – рече Ќулукоски.

„Важно е да се учествува“ не е негово мото, следен предизвик е атакот на првата позиција во „ФМЛ“ лигата.

Претходно завршив на третото и осмото место. Покрај паричен надоместок со освојување на првото место се добива награда која секогаш ќе можам да ја искористам за некое големо натпреварување. Сакам да бидам шампион и на некој начин да го заокружам мојот успех. – истакна Ќулукоски.

Патот до успехот е трнлив и бара многу откажувања. Тоа најдобро го знае “Цицанито“ кој ги следи трендовите и целосно е посветен на остварувањето на своите цели.

Михаил Постоловски