Најзначајните пишани текстови за историските настани и интерсни случки кои се случиле во изминатите 800 години во Охрид се поместени во најновата, петнаесетта книга на истакнатиот научен работник, историчарот на уметност со археологија Гоце Ангеличин Жура „Патописците пишуват за Охрид“, која вечерва беше промовирана во спомен куќата на Христо Узунов во Охрид.

Авторот вели дека целта му била во една книга да ги стави сите патописци што пишувале за Охрид.

-Во книгата поместени се интересни работи и случувања кои во одредени периоди го одбележале животот во Охрид, од разните случки во црквите и манастирите, до записите за најтешките моменти за градот, како периодот после битката на Марица во 1371 година кога Исаија Серски запишал: „Живите им завидуваат на мртвите“, од што толку бил животот тежок во Македонија и во Охрид во тоа време. – рече Гоце Ангеличин Жура.

Во книгата се поместени интересни детали и од поновата историја, како тие како и кога била поставена калдрмата во охридската чаршија.

-Тоа било 1860 – 62 година, за време на пазар селанките не можеле да ги остават корпите со јајца на земја кога врнело, па турците ја послале чаршијата со калдрма и направиле добрина.– раскажува Жура.

Книгата има скромен тираж, но големо значење, додава авторот, посочувајќи дека неговото последно научно дело треба да се искористи за туристичка промоција на Охрид.

-Оваа книга треба да не да биде објавена како самостојно издание во 50-60 примероци, туку треба да има илјаден тираж. Оваа книга треба да биде преведена на сите странски јазици и да ја држи секој туристички водич, да ја има секоја туристичка агенција, општината Охрид, кога ќе дојде странец да му се даде и продаде да види каде дошол. Оваа книга треба да биде една привилигеија на охриѓани и кога ќе ја читаме да се гордееме дека живееме во градот на Господ Охрид.– истакна Гоце Ангеличин Жура.

За делото и творечкиот опус на историчарот на уметност со археологија од првата генерација на Филозофскиот факултет во Скопје Гоце Ангеличин Жура, говореше промоторот и негов колега од НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев. Тој го опиша авторот како неуморен трагач по вечните вредности потврдувајќи уште еднаш дека Охрид не само што е инспирација за патниците, случајните минувачи, туристите и гостите на градот, туку е и непресушен извор за творење и пишување научни трудови.

-Наизглед позната тема со која секој од нас се има барем еднаш сретнато во животот, или била тема на разговор или дискусија, или цитиран некој од патописците тргнувајќи од Евлија Челеби па до Бранислав Нушиќ, и секогаш ни биле некаде тука во мислите на дофат, но Гоце како вистински научник но пред се вљубеник во Охрид се сети да направи еден интересн избор на белешки на патописци кои го посетиле Охрид, со кус вовед од авторот на секој од нив. Нека биде ова поука за многу млади истражувачи дека не треба да одат многу далеку за својот истражувачки порив, во Охрид имаме се’ уште непроценливо, неистражено богатство кое треба да се презентира на јавноста. – рече Патчев.

Гоце Ангеличин Жура е основоположник и втемелувач на теренски истражувања на пештерските цркви. Има напишано 15 книги и монографии и 40 стручно научни трудови. Добитник е на повеќе награди и признаија меѓу кои и на повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ во 2007 г..

OhridNews