Според податоците на СЗО, годишно, во сообраќајни незгоди животот го губат околу 1,3 милиони луѓе, што претставува 2,2% од глобалната смртност. Овие податоци покажуваат дека над 3.500 лица дневно умираат како последица на сообраќајни незгоди, а околу 140.000 лица се повредени. Од нив, дури 15.000 лицасе здобиваат со трајни последици-траен инвалидитет.
Во Република Македонија, на годишно ниво, околу 160 лицаго губат животот во сообраќајни незгоди, а повеќе од 6000 лица се повредени. Бројките се навистина загрижувачки, но не станува збор само за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини. Патиштата сѐ повеќе наликуваат на бојно поле каде се случуваат трагедии без крај, се пролева многу крв и се испишуваат тажни семејни приказни…
Не можеме и не смееме да го прифатиме фактот дека сообраќајните незгоди се само нечија судбина која не сме во можност да ја смениме. Не смееме да се доведеме во ситуација да се плашиме да чекориме по улиците, да се плашиме дали безбедно ќе пристигнеме во својот дом, да стравуваме дали нашите деца безбедно ќе стигнат до училиште, дали безбедно ќе ја преминат улицата… да стравуваме од секој нов ден и од она што тој ќе ни го донесе.
Свесни за сериозноста на предизвикот кој многумина го нарекуваат „чума на 21 век“, Обединетите Нации ја прогласија декадата 2010-2020 како декада за безбедност во сообраќајот на патиштата, а третата недела од месец ноември ја прогласија за недела на „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“.
По повод „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“, 18 ноември, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување, но исто така, апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот, да покаже повисоко ниво на свест и одговорност во сообраќајот.