Се уште не се објавени резултатите од Конкурсот за финансирање на проекти од годишната програма на националните установи за 2025-та година, но, фокусот со сигурност ќе биде ставен на најатрактивните локалитети како што се Залив на коските во кој од сопствени средства ќе се санира палафитната населба и ќе се зголеми и подобри понудата, вели директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, м-р Горан Патчев.

Ќе продолжат конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата Св.Богородица Болничка. Ќе се спроведе непосредна заштита за статичко зајакнување, санација и реставрација на надворешни ѕидови и кров на црквата Св. Варвара на КП 115870 КО Охрид 3 на ул. „Илинденска“ бб во Охрид, фаза 1 – изведување на потпорен ѕид на јужната страна. Ќе продолжат работите за санација и тековно одржување на кровот и надворешната столарија на „Лапидариум“ во споменичката целина на музејскиот комплекс „Робевци“ Охрид, посочува Патчев.

Додава дека ќе се преземат итни мерки на заштита – работи на демонтажа и отстранување на опасни елементи од Куќата на Момирови во Охрид која е прогласена за културно наследство во опасност со Решение УП бр.18-446 од 01.08.2024 година од страна на УЗКН Скопје

Ќе се реализира непосредна заштита согласно Основен проект за непосредна заштита на кровот на објектот на КП 14334/2, КП 14313 и КП 14314/1 КО Охрид 3 (Куќа на Стефовци). Ќе се спроведе санација и тековно одржување на кровот на Ѓакониконот во состав на археолошкиот локалитет – Плаошник Охрид. Обемни заштитни археолошки истражувања на доцноантичкиот комплекс Манчевци ќе се споведат како и конзерваторски истражувања и изработка на Основен проект за поврзување и премостување на арх. локалитет „Манчевци“ за оформување на една целина со можност за подобра презентација. Доистражување на просторот од Самуилова тврдина/ Цитадела, со цел реализација на целиот простор заради целосна презентација и самоодржување.

Во Струга, истакнува Патчев, ќе продолжи изведување на работи на непосредна заштита при реализација на конзерваторки проект за конзервторско – реставраторски работи на архитектурата на ул.„Партизанска бб“ на КП232 КО Струга (Министерство за одбрана – трета фаза) и  изведување на работи – реконструкција на кров на објект Браќа Миладиновци – Струга. Ќе бидат организирани и изложби промоции и разни други настани.

Продолжуваат редовните работни обврски на НУ Завод и Музеј Охрид за евиденција, инвентаризација, конзервација на движно и недвижно културно наследство и други етнолошки, археолошки збирки како и нивно чување, заштита, презентација, популаризација и со цел на туристичка културна промоција на Охридскиот регион кој е на мапата на Светското природно и културно наследство.

Во поглед на активностите кои беа реализирани минатата 2024 година, Патчев ги издвојува конзерваторските проекти како почетокот на обемните интервенции за санација и тековно одржување на кровот и надворешната столарија на „Магазата“ во споменичката целина на музејскиот комплекс „Робевци“ Охрид, како и санација и тековно одржување на јужната фасада и надворешната столарија од Куќата на Робевци како и воведување на нов систем на греење/ладење и ветрење на внатрешниот простор и нов алармен систем. Овие работи, посочува, продолжуваат и во 2025 година.

Конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата Св.Богородица Болничка во Охрид како континуитет на заштитата на тој значаен фрескоживопис. Продолжение на изведување на конзерваторско -реставраторски работи на архитектурата на ул. Партизанска бб на КП 2232 КО Струга (Министерство за одбрана )- II фаза.  Увид на состојбата на меморијалните споменици од НОБ и нивно интервентно санирање на оштетувањата.

Во наколна населба Музеј на вода во Заливот на Коските, согласно годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година, за изведување на работи и подобрување на функционалноста на објектите кои се под наша надлежност, а финансирана од сопствена сметка, се спроведе набавка и монтажа на мобилна клима и воздушни завеси за греење и ладење во Музејски комплекс. Поставените воздушни завеси значително ги подобрија условите за работа на вработените и престој на гостите, но и го реши проблемот со влагата во истиот, заради подобра заштита на изложените артефакти во музејската просторија.

2024 година ја одбележа и завршниот настан за Презентација на ГИС платформата на недвижно културно наследство и археолошки локалитети на Охридскиот регион кој е поврзан со Проектот насловен како: „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“ Поврзано со договорот за донација со УНЕСКО N˚:4500466546 Меѓународна Асистенција бр. 3274.

Од областа на Археологијата, вредни наоди беа откриени на локалитетот „Расница“ – Корошишта, кои беа дел од реализацијата на археолошко – истражувчкиот проект со наслов „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта„ како дел од Годишната програма финансирана од Министерството за култура за 2024-та а под раководство на м-р Перо Арџанлиев археолог претставник на НУ Археолошки музеј на РМ и археолог м-р Драган Танески претставник археолог од НУ Завод и Музеј Охрид. Заради реализација на истражувањата, помеѓу двете установи, НУ Завод и Музеј Охрид и НУ Археолошки Музеј на РМ – Скопје се потпиша и Договор за соработка.

Кај Ранохристијанската базилика на локалитетот „Манчевци“ кој делумно беше истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти, и на нивно место се презентирани велелпни мозаични подови, со продолжување на археолошките ископувања во соседната парцела, археолозите ги дооткрија остатоците од базиликата, каде што се истакнуваат убавината на крстилницата, како и зачуваните подни мозици и ѕидови со фреско декорација, кои заедно создаваат единствена целина, потенцира Патчев.

Овие археолошки наоди не само што се сведоци на нашата историја и култура, туку и важен дел од идентитетскиот код на Македонија. Тие служат како инспирација за натамошни археолошки истражувања и поддршка на промоцијата на културното наследство пред домашната и меѓународната јавност, истакнува Патчев.

Од изложбите го посочува отворањето на „Јубилејната изложба по повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски“ на која и претходеле конзерваторски работи на колекцијата слики во сопственост на Св. Еразмо – Специјална болница за ортопедија и трауматологија Охрид, а кој проект беше подржан од Министерство за култура и туризам.

Потоа, ликовната изложба „ЕХ, МОЈА МАКЕДОНИЈА“, одржана во Лапидариумот кој е во состав на музејскиот комплекс „Куќата на Робевци“ кој уште еднаш покажа дека е идеално место и простор за културни, уметнички и друг вид настани како промоции или изложби.

Со организирање на прекрасната групна изложба на дела на Мајкл Клос (Канада), Демир Демироски –охриѓанец кој живее во Германија и на охридските уметници Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски, охриѓани беа сведоци за еден несекојдневен амбиентален настан кој ќе остане долго во сеќавање а организирана во знак на сеќавање на истакнатиот охридски уметник, прерано починатиот Драган Спасески Охридски.

Во организација на ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, во „Куќата на Робевци“ беше отворена изложбата „Охрид, 1900 година“ низ фотографиите од експедицијата на Н.П. Кондаков во Македонија, а со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид кои ги препознаа и поддржаа заложбите за промоција на Охрид и неговото богато културно-историско минато.

Крајот на годината, истакнува, беше крунисан со презентираните експонати во Куќата на Робевци од „Изложбата на пафти, токи, колани – украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј“, а во присуство на голем број посетители и стручни лица.

Од Меѓународната соработка би ги издвоил Потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Словачкиот Музеј од Ухерске Храдиште (Република Чешка) кои ја препозна важноста на меѓународната соработка во заштита и презентација на културното наследство, како и одговорноста за зачувување и промоција на културните вредности и верува дека меѓусебната соработка со Словачкиот Музеј во Ухерске Храдиште, ќе придонесе за развој на професионалните активности и размена на искуства и знаења помеѓу двете институции.

По повод Европските денови на културното наследство 2024, и одбележувањето на 70 години од усвојување на Европската културна конвенција (Париз 1954), НУ Завод и Музеј Охрид се приклучи кон одбележувањето со промоција на книга од Академик Проф. д-р. Мигуел Џон Вершлаус со наслов „Вкоренет космополитизам, наследство и прашањето за припадност“ (Rooted Cosmopolitanism, Heritage and the Question of Belonging), која беше промовирана од страна на Проф. д-р Сашо Коруновски во дијалог со Амбасадорот Проф. д-р Љубен Тевдовски и М-р Горан Патчев.

Академик Проф. д-р Мигуел Џон Вершлаус е редовен професор и раководител на Катедрата за класична и медитеранска археологија, како и повеќегодишен директор на Докторските студии на Факултетот за археологија на Универзитетот Лајден. Оваа книга ја истражува аналитичката и практичната вредност на поимот „вкоренет космополитизам“ за областа на културното наследство, додава Патчев.

Подетални информации, во поглед на активностите во 2025 година, директорот на Установата најавува  по добивање на резултатите од Конкурсот за 2025 и завршните извештаи од 2024 година.

Н.С.Ј.