Состојбата со рибниот фонд на пастрмка е малку подобрена покажале пробните ловења на овој вид риба, што деновиве ги изврши Хидробиолошкиот институт од Охрид.
Според експертите од оваа научна институција, пастрмката во Охридското Езеро се враќа во своите природни мрестилишта, што охрабрува дека годинава можат да се соберат 3,5 милиони икри потребни за успешно извршување на вештачкиот мрест.
Од Хидробиолошкиот институт објаснуваат дека подобрувањето на состојбата со рибниот фонд на пастрмка се должи на зголемената физичка контрола на Езерото за што се грижат две рибочуварски служби.
Целосната забрана за лов на пастрмка, позната како „татиљот“ официјално заврши вчера, по што деновиве ќе започне ловот за потребите на вештачкиот мрест на овој загрозен, ендемски вид риба.
ohridnews