Во последните 17 години поранешниот концесионер од Охридското Езеро изловил пастрмка за наредните 51 година ако се лови по природен прираст, со што во потполност е нарушен еко балансот во езерото, предупредува спортското риболовно друштво „Св. Апостол Петрар. Иако во моментов на македонска страна на сила е забрана за риболов, загрозените ендемски видови риба и натаму се на удар на рибокрадците, вели претседателот на спортското риболовно друштво, Радован Димитриевски.
„Сега е на удар белвицата која се лови немилосрдно и се продава слободно по пазарите. Рибочуварската служба која е формирана не може да го заштити езерото и буквално се врши масакр врз рибниот фонд“, вели Димитриески.
Дека состојбата со рибниот фонд е алармантна потврдуваат и од Хидробиолошкиот институт од Охрид. „Сведоци сме дека рибниот фонд секојдневно се напаѓа“, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт. „Тоа се прави под изговор на некаков социјален момент и дека одредени луѓе го прават тоа за да опстанат што може и да биде, но во многу мал број, но многу поголем е бројот на тие кои се дрзнуваат на нелегален риболов кои имаат некого зад нив да ги штити“, вели Спиркоски
Според него најитно треба да се обезбеди вистинска физичка заштита на Охридското Езеро.
Тој смета дека рибниот фонд не може соодветно да се заштити доколку во процесот не бидат поактивно вклучени полицијата и судството, каде како што рече, прекршочните пријави за рибокрадците редовно застаруваат.
„Сепак она што што најповеќе загрижува е тоа што претставниците на нашите надлежни институции не се седнати со соодветните еквиваленти од Албанија да ја договорат заштитата на охридската пастрмка“, вели Спиркоски.
Усогласувањето на мерките на заштита на Охридското Езеро, ќе биде главна тема на состанокот на мешовитиот комитет за заштита на животната средина што овој месец ќе се одржи во Албанија.
„На состанокот на маса ќе биде ставен билатералниот договор и ќе разговараме за мерките кои Албанија како суверена држава ќе ги спроведе за заштита на рибниот фонд“, вели државниот секретар во Министерството за животна средина, Дејан Паноски.
Според него Македонија ќе се обиде да издејствува од Албанија воведување забрана за риболов и од другата страна на езерото за како што рече, да може билатерално да се заштити рибниот фонд.
Во моментов забраната за риболов важи само на македонската страна од Охридското Езеро.
Г. Момироски