Со прекумерниот излов нарушени се биоеколошките услови во Охридското Езеро и доколку тоа повторно биде дадено под концесија постои сериозна опасност загрозените видови пастрмка и белвица потполно да исчезнат, предупредуваат екологистите.
Струшкиот вид пастрмка, “летницата“, ја нема од поодамна , а сега сме на добар пат да ја загубиме и “охриданата “-зимската пастрмка, вели Мате Гогоски од ЕД “Енхалон“. Наместо да го заштити, човекот перманентно го уништува Охридското Езеро, вели Гогоски кој потсетува дека наша обврска е да го зачуваме ова природно богатство старо милиони години и да го предадеме на идните генерации.
охридска пастрмка
Невладините организации од Охрид и Струга побараа од владата да ја поништи одлуката за давање на Охридското Езеро под концесија и да прогласи мораториум на риболовот од најмалку 10 години. И додека невладиниот сектор очајнички се обидува да ги спаси пастрмката и белвицата, овие загрозени видови риба немилосрдно се изловуваат. И покрај забраната ги има речиси на секое мени во угостителските објекти во Охрид, а цената на нелегалниот пазар во очи празникот Св. Никола кога традиционално се јаде риба вртоглаво им расте.