-На овој начин сакаме да дадеме една поширока димензија на порибувањето затоа што сметаме дека ова не е само интерес само на Република Македонија, туку дека станува збор за поширок интерес и од таа причина нам секоја поддршка ни е добродојдена, рече министерот Димовски. Тој додаде дека државата посветува максимално внимание на заштитата на охридската пастрмка и дека се прават контакти со албанската страна со цел да се зачува овој загрозен вид ендемска риба.
Српскиот министер Драгин, рече дека сегашните генерации имаат обврска да ја зачуваат животната средина за идните поколенија за што е неопходно да се реши проблемот со загадување на водите и природата.
Подмладокот со кој денеска беше порибено Охридското Езеро е стар едвај два и пол месеци, но според надлежните тоа не е пречка за негов опстанок во Езерото. Тие ги отфрлија обвинувањата на спортските риболовци дека езерото се порибува со заболен подмладок, објаснувајќи дека посочените физички промени кај рибите не се резултат на болест, туку на присуство на одредени агенси во водата, кои се резултат на високото ниво на подземните води.
-Рибите кои се прихрануваат 6 месеци подобро се снаоѓаат. Овогодинешниот подмладок и покрај тоа што не се пристигнати средствата за потхранување континуирано се храни и кај него не е забележана никаква болест. Се одлучивме рибите помлади да ги пуштиме во езерото за да го намалиме ризикот од несакани последици врз подмладокот поради климатските промени и подигањето на подземните води кои со себе носат се и сешто, истакна Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт од Охрид. Тој појасни дека дел од рибите кои се одгледуваат во вештачкото мрестилиште како последица на надворешните влијанија угинал, но дека тој процент не е поголем од вообичаените 5 %.
Наспроти ставот на експертите, спортските риболовци тврдат дека има болест кај рибите, која според нив се должи на зголемување на нивото на минерали во водата, што предизвикува отекување на очите на рибата.
-Ако е така зошто езерото се порибува со болни риби што понатаму може да предизвика дополнителни негативни последици, вели Радован Димитриески од СРК „Св. Апостол Петар. Тој изрази и сомневање дека забрзаното порибување на Охридското Езеро со пастрмка се врши поради недостаток на средства за вештачки мрест.
Министерството за земјоделство, најави дека средствата за потребите на вештачкиот мрест наскоро ќе легнат на сметка на Хидробиолошкиот институт, како и дека ќе бидат подмирени хонорарите на рибарите кои учествуваа во риболовот за вештачки мрест, кои се жалат дека се уште не ги добиле заработените пари.