Кога на античкиот аеродром во Скопје последните три пати покажав странски пасош бев запрашан зошто не извадам Македонски пасош. Се надевам дека беше името а потоа и моето познавање на Македонскиот јазик што ги наведе офицерите на граница да ја забележат мојата неажурност во неискористувањето на правото на Македонски пасош. Со ветување дека тоа ќе го сторам веднаш секој пат бев пропуштен со по малку сомневање од офицерите. Единствената пречка беа кратките престои и непотребата да имам Македонски пасош. Минатиот пат, минатата година, навистина и пробав да извадам пасош. Во кратко, не бев успешен поради шетањето од шалтер во шалтер и од бирократската игра на презафатените државни службеници. Бараа да се пријавам, да извадам, лична карта, да чекам по шалтери итн. Време за сето тоа немав и не извадив повторно пасош. Сепак, се чувствував како дома (не само поради бирократската хајка) и кога заминав заминав со полна вреќа спомени и летни насмевки на моите деца родени во странство.
Неодамна имав прилика да присуствувам на состанок со Македонски парламентарец на мисија да се запознае со иселениците и со пораки дека Македонците не се заборавени од татковината. Пратеникот беше близок до власта и од владеачката партија. И покрај напорите на пратеникот да извлече прашања за многуте постигнувања на Македонија и да слушне за темите кои ги интересираат иселениците состанокот се сведе на најомилената тема на присутните, како да се дојде до Македонски пасош.
Да почнеме од издавањето на пасоши. Право чудо е што Македонската држава воопшто зборува за издавање пасоши на Македонците во далечни земји. Дека има каков таков капацитет е важно поради тоа што се потврдува легимитетот и постоењето на Македонската држава. Да се има амбасада што ги служи граѓаните што заминале од Македонија скоро без исклучок засекогаш е да се има доверба во тие граѓани и во фактот дека во најмала рака тие ќе посакаат да патуваат во својата татковина. Краткиот транспарент во било која од амбасадите, кога би постоел, би требало да пишува – Извадетет Пасош за Дома. Тоа се разбира е далеку од реалноста. Разбравме дека доколку амбасадите издаваат пасоши тие ќе бидат само посредници во долготрајниот повеќемесечен процес кој вклучува информациите и пасошот да патуваат на релацијата амбасада – Скопје. Сега постои само еден центар за изработка на патните исправи (тоа можеби го објаснува едногодишниот процес на чекање) кој не работи многу ефикасно и се разбира со безброј пречки во комуникација, транспорт и издавањето на пасошите.
Сето тоа е и прифатливо доколку не се направеа два силни пропусти во Македонската политика кон своите иселеници во странство. Како во примерот со моето патување, секогаш го одобрував расположението на Македонските службеници да ги видат Македонците како Македонци без разлика каков пасош имаат. Тешко е дека некој ќе се претстави како Македонец на влезот во Македонија ако не е. Од пратеникот разбравме дека законот за странци ќе се применува строго и без разлика на фактот што повеќето од тие странци се двојни државјани и Македонци. Тоа значи пријавување на престој во полиција, хотел или слично. Странците (Македонци) мора да се евидентираат и да се прати нивниот престој и заминување. Добро, пораката е дека ова не мора да биде случај доколку тие имаат и Македонски пасош (државјанство). Но тоа воопшто не го решава проблемот. Ако имаш Македонски пасош проблемите се далеку поголеми во татковината. Влез во Македонија со Македонски пасош според пратеникот значи враќање дома и мора да биде пропратено со Македонски пасош на излез од Македонија. Доколку излегувате со Македонски пасош две интересни законски одредби би ви го направиле престојот прилично непријатен. Прво, мора да имате виза за државата во која патувате ако тоа е потребно. Се разбира како двоен државјанин да вадите виза за држава во која сте државјанин е апсурдно и како такво правилото остана необјаснето од пратеникот. Второ, ако заминувате на повеќе од шест месеци од Македонија како Македонски граѓанин ја напуштате државата перманентно па треба да се одјавите каде што треба да се одјавите. Неодјавени не смеете да се појавите на излезот од Македонија. Еден од присутните потврди дека морал да го испочитува ова правило и изјави дека е наједноставно Македонскиот пасош да го замените со странскиот на еден од аеродромите во Европа каде што се врши трансфер.
Се обидувам да го замислам ова лимбо на Македонецот кој донекаде е отуѓен од својата матична земја кој сега го доживува бирократското сценарио најдобро замислено во блискиот исток, не во Европа каде што Македонија би требало да припаѓа. Ако некогаш го опишете најлошото сценарио против секој оној Македонец во странство кој помислил да извади Македонски пасош нема да можете да замислите нешто посоодветно или полошо. Тоа води кон третото прашање, зошто да се има Македонски пасош?
Заклучивме дека вадење Македонски пасош поради патување во Македонија (т.е. како патна исправа потребна за патување преку граница) е сосема непаметно во овие околности. Тоа никој сега не би го направил поради влегување во Македонија или да патува од странска земја во некоја друга држава ако не мора (ако има двојно државјанство од западна земја). Ако немаме потреба од Македонски пасоши за патување тогаш зошто? Единствената причина би била онаа суптилната и емотивна потреба да се поистоветуваме со народот од кој потекнуваме. Се прашувам дали на Македонија не и е повеќе во корист да се самоизјаснуваме како Македонци и да поседуваме Македонски пасош? Во околности во кои Македонија се брани од значајни сили кои работат против неа во Европа. Кога Европа се солидаризира со оние кои би сакале да исчезнеме засекогаш како народ, би било пожелно да не има повеќе и да се самоискажуваме како Македонци. Во време кога Бугарската држава дели пасоши како алва на Македонците и присвојува нови државјани поради свои цели, Македонската држава како никогаш порано ни поставува пречки во ваѓањето и користењето на единсвтениот личен документ кој ни ја одредува нацијата за сите во светот. Ако е пак пожелно да има повеќе Македонци, тој Македонски пасош треба да им биде издаден на Македонците преку ноќ и донесен на куќниот праг насекаде во светот. Пораката би била јасна. Македонија е вашата држава. Со оглед дека немаме некои навистина големи успеси освен што успеавме да опстанеме како држава, лесно е можно капацитетот да се надвладее сегашното економско, социјално и секое друго назадување на Македонската држава да лежи единствено токму во оние кои сега живеат и работат надвор од нејзините граници. Замислете колку таа подобра иднина би била пореална доколку тие преродбеници би го имале Македонскиот пасош во своите лични документи. Како што стојат работите Македонците во странство ќе ја заобиколуваат линијата за пасоши уште долго време.
На крај пратеникот доби прашање зошто Македонија не го поедностави и забрза процесот за издавање пасош. Одговорот беше поради безбедноста на личните документи. Во оваа земја пасош можеш да добиеш за две недели по регуларен пат или за 24 часа по брза постапка. Слики за пасош и молбата за пасошот можеш да ги најдеш во секоја пошта или слична државна служба. Дали е тоа понебезбедно? Пратеникод објасни дека Македонија мораше да достигне многу повисок степен на безбедност на личните документи за да добие безвизен режим со Шенген зоната. Во таа насока, тој посочи дека оваа земја може да учи од Македонија а не обратно. Се пофали дека следен чекор за Македонија била најсигурната електронска лична карта со вграден микрочип со кој би можеле да го пратат движењето на личната карта (носителот се разбира). После едноминутна тишина присутните се раздвижија знаеќи дека состанокот го постигнал дното или кулминацијата ако сакате. Постарите си спомнаа меѓусебе дека ја напуштиле Македонија во време кога власта ги пратеше своите граѓани со тајни служби. Новото полициско сценарио не беше видено како напредок кон демократска власт и држава, токму спротивното. Порака до сограѓанинот кој изјави дека нашол начин да ја избегне најновата процедура – јас не би го менувал пасошот при трансфер во Виена. Секако дека ако имаш пасош имаш и лична карта, само размисли.
И.С.
Двоен Државјанин засега сеуште без Македонски пасош