Сопственици на локални фамилијарни винарии, туристички водичи, сопственици на угостителски објекти, студенти на насоката туризам и гастрономија од ФТУ- Охрид беа дел од тридневна обука на тема Вовед во вински туризам која се одржа во Охрид во организација на ГИЗ. Предавачи беа Звонко Херцег од сомелиерската асоцијација на Северна Македонија и проф. Д-р Ангела Паскуале од Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Во насока на поддршка на развојот на винскиот туризам и нови вински центри од голем значење е едукацијата на кадри за развој на истиот во формалното и неформалното образование, едукација на туристички водичи за вински туризам, изработка на пакет туристички аранжмани за вински туризам од страна на туристичките агенции, изработка на национална стратегија за вински туризам…, вели проф. Д-р Ангела Паскуале.

Во текот на трите работни дена учесниците имаа можност да научат многу важни информации поврзани со виното, винската култура, начинот на дегустирање на виното и спојување со храната, важни сегменти поврзани со винскиот туризам и креирањето уникатни и незаборавни туристички искуства. Со инвестирање во обука на персоналот на винаријата, винариите можат да создадат исклучителни искуства за вински туризам, да изградат силни врски со посетителите и да придонесат за севкупниот успех на локалната индустрија за вински туризам, посочува Паскуале.

Во текот на обуката која била доста интерактивна споделени биле многу меѓусебни искуства, а најважната придобивка било меѓусебносто вмрежување на учесниците и започнување на иницијатива за креирање на заеднички туристички производи и искуства.

Последниот ден учесниците имаа можност да дегустираат мени од четири ганга кое беше подготвено од шеф Христијан Јорданоски, студент на насоката гастрономија при ФТУ Охрид. Менито беше подготвено исклучиво од локални продукти, а учесниците го тестираа стекнатото знаење преку оценување на вината од нашите локални винарии и кое вино најдобро се спојува со храната која што беше послужена, потенцира Паскуале.

Информира дека следните обуки за вински туризам ќе бидат оджани во Скопје од 2-4 април и во Кавадарци од 11-13 април.

Винскиот туризам претставува посета и престој во вински региони, дегустација во винарии, учество на вински манифестации, вински музеи и вински продавници. Тој е директно поврзан со консумирањето на вино и претставува дел од винската култура.  Во ова поглавје од студијата, обработен е материјалот поврзан со карактеристиките на винскиот туризам, светската статистика поврзана со винарството и најпознатите светски региони кои развиваат вински туризам, истакнува Паскуале.

Навраќајќи се на историјата на винарството во Македонија, вели, испишана е уште од далечното минато, потенцирајќи дека со векови во оваа високопланинска благородна земја се одгледувале грозја и се произведувале вина.

Вековната историја на винарството е цврсто навлезена во националната култура и традиција и е составен дел од локалните ритуали и обичаи. За времето на Филип Втори и Александар Велики, членовитте на македонската кралска династија се познати како големи љубители на виното. Оваа традиција продолжува и за времето на Римската империја кога Македонија е еден од најзначајните вински региони во империјата. Исто така, големото значење на виното се задржува и за време на навлегување на Христијанството, кога скоро во сите православни христијански церемонии во изведувани во црквите виното е дел од традицијата. Ваков пример е свадбената церемонија кадешто вино заедно со леб и сол им се дава на невестата и младоженецот.

Сите овие церемонии, истакнува, се присутни и денес и на овој начин се продолжува и традицијата на значењето на виното.

Историските фактии зборуваат и дека виното играло важна улога за време на владеењето на Цар Самуил, средниот век и крајот од турското владеење во Македонија. Многубројните археолошки пронајдоци докажаа дека афинитетот кон одгледување на винско грозје и производство на вино е еден од најважните во македонската историја.Златни амфори и кратери (садови за транспортирање и консумирање на вино) се пронајдени на локалитетот некропола во Требениште крај Охрид. Бронзената статуетка Менада, најдена во Тетово, датира од 6-ти век пред наша ера. Менадите биле придружнички на богот на виното Дионис и за време на прославите во негова чест им служеле на услуга на присутните, додава.

Инаку, Македонија е 29-ти најголем извозник на вина во светот и втор извозник во регионот, со вкупен извоз во вредност од 61,4 милиони долари, покажува минатогодишното рангирање Worldstopexports.

Согласно податоците од Државниот завод за статистика, македонските вина најмногу се извезуваат во земјите од регионот, но има успешни обиди за извоз на вино и во Западна Европа и во Кина. Најголем извоз на вино традиционално веќе со години наназад имаме во Србија. Минатата година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од 14,8 милиони долари.

Н.С.Ј.