Два часа  пред судскиот совет вчера  директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман сведочеше и одговараше на прашањата на 23 лица уапсени во акцијата Фаланга, пренесува „Макфакс“.
 
На обвинетите им се суди дека бесправно откопувале и тргувале со вредни археолошки предмети. Во текот на постапката токму обвинетите инсистираа Паско Кузман, кој дал изјава во истрагата, да одговара и на нивни прашања.
 
Според неговиот исказ запленетите предмети се вредни артефакти. “Јас им верувам на моите стручни лица од Управата кои направиле идентификација на предметите. Сум ги видел на фотографии и на медиуми и тврдам дека се вредни”, потврди Кузман и во судот и пред медиумите.
 
Тој останува на ставот дека запленетите предмети се историски вреди археолошки ископини. Вели дека секој оној кој би нашол вакви предмети требало да ги пријави во Управата. Потврди дека во Македонија има колекционери и дека колекционерството е регулирано со подзаконски акти.
 
Кузман потврди дека со хемиско вештачење кое може да се направи на универзитетот Свети Кирил и Методиј или во Лондон, може да се утврди дали запленетите предмети се оригинали, од кој век потекнуваат, и од кој локалитет.
 
Обвинетите и нивните адвокати во текот на долгиот судски процес се обидуваат да докажат дека се што било запленето кај нив дома било безвредна копија која тие ја пребојадисувале да изгледа стара за да им ја продадат на странци како вреден антички предмет.

OhridNews
извор: „Макфакс“