Новоназначениот директор на НУ Национален парк „Галичица“ Васко Паскали преку писмена изјава се обрати до јавноста во врска со случувањата во установата каде вработените преку протестен собир изразија незадоволство од смената на актуелниот вршител на должност директор Андон Бојаџи. Тие сметаат дека тој со успех го водел паркот изминатите 14 месеци, обезбедил сериозна финансиска помош од меѓународни фондови што со неговата смена може да биде загрозена. Исто така вработените ја оспорија процедурата со која е извршена смената во раководните структури на паркот, за која сметааат дека е спроведена без знаење на УО и распишување на конкурс за избор на директор.

Новоименуваниот директор Паскали смета дека таквиот страв на вработените е неоправдан. Тој вели дека е изненаден од реакцијата на дел од вработените бидејќи портпаролот на владата Миле Бошњакоски на прес изјавил дека Владата смета дека не го прекршила законот, а постапката за назначување е запазена во целост, затоа што се работи за в.д. директор кој претходно е поставен, што значи вршител на должност. 

Сакам да ги уверам вработените, а и граѓанските организации кои се големи поборници на заштита на природата и НП „Галичица“ децении на ред дека со ништо нема да ја нарушам патеката на развој на Паркот трасирана од претходникот Бојаџи и дека и натаму сум подготвен да соработувам со него и тој да ги продолжи проектите кои се во интерес на сите во Јавната установа, вклучувајќи го и него. Не треба да потсетувам, верувам мнозина знаат дека мојата политичка опција СДСМ  која сега ја има локалната и централната власт во Македонија претходно грчевито се бореше против идејата за градба на експресен пат среде Галичица и за редица преземања кои ни оддалеку не беа приоритет на институцијата. Среќни сме што тие проекти за градби под плаштот на Субрата Рој не се остварија.  – вели Паскали, инаку активен партиски член и актелен секретар на ОО СДСМ Охрид.

Според Паскали, не држи тезата дека дипломиран правник не може да биде директор на националниот парк „Галичица“ туку мора да е само стручно лице.  Додава дека сиот кадровски потенцијал на установата ќе биде вклучен и натаму во одржливоста и финансирањето на паркот

Ја сметам за недолична и тезата што се прошири во јавноста: -Ете партиските кадри на СДСМ намирисале пари во ЈУ НП „Галичица“  и им се намерачиле да ги потрошат. И мојот претходник – в.д. директор Бојаџи признава дека Јавната установа е на самофинансирање и дека проектите се добредојдени и дека многуте пари кои се споменуваат а треба да дојдат од странски донатори се’ уште не се знае дека ќе ги добиеме и реализираме. – вели Паскали.

Тој апелира до сите вработени и новите колеги да се обединат и да го искористат моментот, да поминат проектите кои ќе и овозможат колку – толку сигурно функционирање на установата и помирна иднина.

OhridNews