Неосгласувањата помеѓу раководителот на охридскиот Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска и кандидатот за пратеник на СДСМ, Митре Велјаноски, околу Музејот на вода во Градиште, продолжуваат со нова реакција. Во неа Паскали Бунташеска одговара на изнесениот став на Велјаноски за приоритетите и потребата од изградба на комплексот во Заливот на коските. Во реакцијата се вели:

Со сета моја почит до Вас и Вашата стручност и без никаква полемика за Вашето добро познавање на научните дисциплини како што се лексиката и дијалектиката, очигледно Вие, господине Велјаноски не сте ја разбрале поентата во моето излагање.

Мојата стручност никогаш не сум ја ставала во дневно – политички функции во сред Изборна кампања. Јас не сум кандидат за пратеник од ниту една политичка партија, ниту пак моите изјави  се дадени на прес конференција од било која политичка партија. Заради мојата стручност и одговорност како директор на национална установа, која се грижи за објектите кои ги поседува во состав на установата, морав да реагирам на невистините со кои сакавте да го нарушите угледот на  установата во која работам. Домашното воспитување не ми дозволува да  навредувам и понижувам, а уличниот жаргон никогаш не бил одлика на моето однесување. Мојата цел не беше Вас да Ве понижам и навредам.  Моето произнесување беше нужна реакција на Вашето произнесување.



Во духот на цивилизациските и демократските принципи сигурно дека Ви е дозволено за многу работи да не се согласувате со мене, но тврдам дека не Ви е дозволено да изнесувате невистини. Изнесувате дека основната поента во Вашето произнесување била околу Владиниот избор на приоритети, односно разликување на битно и помалку битно во даден миг и дадени околности. Поентата во моето произнесување не се Владините приоритети ниту пак разликувањето на битното од небитното. Не Ве прекорувам ниту за зборот колиби, ниту пак за зборот кал.



За да ја сфатите поентата во моето произнесување ќе мора повторно да цитирам дел од Вашата изјава каде кажувате дека…..”се градат наколни живеалишта, при чија изградба потрошија неколку милиони евра за слама, прачки и кал , кои  недоизградени почнаа да се распаѓаат”. 

Се надевам дека овој пат ќе ја сфатите поентата на моето произнесување. Со Вашата изјава дека наколните живеалишта уште недоизградени почнале да се распаѓаат ме навредивте и ме пониживте мене како одговорно лице кое се грижи за работата и рејтингот на една установа како што е НУ Завод и Музеј – Охрид, ги навредивте и ги пониживте моите колеги кои работат во музејскиот комплекс и кои максимално се грижат тој да изгледа беспрекорно, а истовремено ги навредивте сите вработени кои работат во оваа установа и на било каков начин допринесуваат за успехот во работата и постигнатите резултати. Не навредивте сите затоа што изнесовте невистини за состојбата во која се наоѓа овој атрактивен музејски простор.



Сигурна сум дека поентата во моето произнесување Ви беше јасна уште во моментот кога ја прочитавте мојата реакција, меѓутоа,  не можевте да најдете начин за да ме демантирате бидејќи претходно изнесовте невистини, па на Вашата реакција и дадовте сосема поинаква конотација. Не е во мој домен да Ви одговорам колку народни пари се потрошени за изградба на музејскиот комплекс. НУ Завод и Музеј – Охрид е институција која стопанисува и го одржува музејскиот комплекс во кој работат 9 лица. Сламата, калот и прачките не се единствените градежни материјали кои се употребени при изградбата на музејскиот комплекс. Покрај наколното живеалиште со 24 колиби кои се поставени на платформа изведена од импрегнирани дрва набиени до длабочина од 1м во езерското дно, во музејскиот комплекс изградена е музејска зграда со сите потребни пропратни содржини, база за подводни истражувања, извршена е реконструкција на римски каструм, изведен е огромен паркинг простор за потребите на музејскиот комплекс, портирница и целиот простор е хортикултурно уреден со патеки од камени плочи, дрвени видиковци и клупи.



Фотографиите нека го потврдат претходно кажаното. Имајте доблест и тоа што е убаво направено пофалете го, стои во реакцијата на директорот на охридскиот Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска.

OhridNews