По повод обвинувањата од Сојузот на иднината за одржаната трибина  посветена на заштитата на културното наследство, со демант се јави директорката на НУ Завод и Музеј – Охрид, директорката на Заводот и Музеј – Охрид, Тања Паскали Бунташеска.

Да се зборува за заштитата на културното наследство Г-дине Дејан Блажески не е лицемерно. За заштитата на културното наследство може да се зборува со денови и со денови и  има што да се каже.  Има што да се каже затоа што е многу и направено. Меѓутоа, тоталните непознавачи на културното наследство како што сте Вие тоа не го приметуваат затоа што не можат да го приметат, бидејќи не го знаат.

Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид  деновиве навистина е претворена и служи  како архитектонско биро за дизајнирање и печатење, меѓутоа, не на флаери на ВМРО – ДПМНЕ туку на печатење на своите проекти кои секојдневно ги изработува. Очигледно некој ве донесол во заблуда Г-дине Блажески, НУ Завод и Музеј – Охрид ниту печатела ниту пак ќе печати рекламен материјал за ниту една политичка партија.

Не е пресуден  услов дека една установа ќе работи поуспешно доколку има поголем број на вработени. НУ Завод и Музеј – Охрид можеби  е установа која има мал број на вработени, но тие малку вработени се вредни и чесни луге. Работат во интерес на институцијата и проектите кои таа ги реализира по потреба и по 24 часа без никаква дополнителна финансиска надокнада. Во денешни услови можеби е тоа чудно, но за НУ Завод и Музеј – Охрид тоа е реалност.

На некој начин веќе однапред знаеме дека ќе бидеме обвинети за одредени проекти. Тоа почна да станува и пракса пред секои избори, било да биле локални или парламентарни.  Кога ја возобновувавме Светиклиментовата црква на Плаошник во Охрид бевме обвинувани дека трошиме пари за редење на камења, кога ја реставриравме Самуиловата тврдина бевме обвинувани дека сме направиле Шкотски замок, кога го изградивме Музејот на вода бевме обвинети дека сме направиле колиби. Од овие причини, Г-дине Дејан Блажески  не ме чуди што Перивлепта Ви личи на гулабарник и се чудите до кога ќе биде забулена. Не е ни чудно што не ги разбирате овие работи, заштитата на културното наследство е цела наука која Вие не ја познавате и затоа е најдобро да не ја коментирате повеќе за да  не се бламирате со Вашите изјави. Процесот на конзервација на еден објект е долг  процес кој се одвива во повеќе фази. Оваа фаза која Вие ја нарекувате гулабарник е фазата на сушење на кровните сводни површини од наталожената влага.

Што се однесува до враќањето во нормала на ѕидот од црквата Св. Богородица Болничка ќе мора да ви објаснам некои работи. Црквата Св. Богородица Болничка е во сопственост на Македонската Православна црква. Тешката механизација за рушење на ѕидот беше употребена од страна на  Македонската Православна црква која сакаше да гради бесправно конак во дворот од црквата. Овие бесправни активности беа стопирани од инспекциските служби при  Управата за заштита на културно наследство и со записник и решение на МПЦ и беше наложено срушениот ѕид да биде вратен во првобитна положба.

И на крајот би сакала да истакнам дека воопшто не се чувствувам како деградиран интелектуалец ставен во функција на политиката. Јас сум само директор на НУ Завод и Музеј – Охрид,  институција која во изминативе години има сработено многу и навистина има  со што да се пофали. Тоа што беше презентирано на одржаната трибина е реалност, тоа се објекти кои што можат да се видат, да се посетат.  А, Вие, почитувани кандидати за советници, се извинувам што ќе морам ова да Ви го кажам. За жал вие сте деградирани интелектуалци ставени во функција на политиката.“ – стои во реакцијата на директорот на Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска на изнесените ставови на денешниот прес на  „ Сојузот на иднината“.