Медиумите имаат голем придонес во промоцијата на напорите Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО. Ова беше истакнато на отворањето на Балканскиот медиумски форим „Јавното мислење како фактор за членство во НАТО“ што во организација на Македонската информативна агенција МИА, Бугарската телеграфска агенција БТА, А1 и весникот Дневник, денеска започна во Охрид.
Според министерот за надворешни работи на Р. Македонија, Антонио Милошоски, македонските граѓани се солидно запознаени со обврските и придобивките од зачленувањето на земјата во НАТО, а медиумите имаат голема улога во тоа.„Р. Македонија има подршка од 90% од граѓаните за зачленување во НАТО, што е голем кредит, но и обврска дека мораме да успееме“, рече Милошоски.
Според Соломон Паси, советник на владата за НАТО интеграции, Македонија заслужува да добие покана за НАТО. До самитот во Букурешт има 6 месеци кои Македонија треба добро да ги искористи и да ги заврши своите обврски, рече Паси.
На форумот во Охрид учествуваат седумдесетина претставници на медиумите, политичари и експерти од 12 земји.
Г.М.