Надворешен кадар без искуство во заштитата на животната средина се токми за директор на јавната установа Национален парк „Галичица“. Вакви се стравувањата на вработените во паркот по последната седница на Управниот одбор – УО, на која е донесена одлука за распишување конкурс за избор на нов директор на јавната установа.
За актуелниот директор на НП „Галичица“ ваквата одлука е нелогична затоа што неговиот мандат не е истечен, а тој не е ниту разрешен. „Немаше никакво образложение туку само претседателот на УО свика седница со единствена точка на дневен ред распишување на конкурс за избор на нов директор. Според Законот за природа и статутот на НП „Галичица“, треба најпрвин да се разреши директорот а потоа може да се објави јавен конкурс“, вели Бојаџи.
Тој вели дека образложение не добил ниту од другите членови на УО. „Кога посочив дека е потребно прво да се донесе решение за разрешување и дека по Законот за заштита на природа таквото речение треба да се образложи членовите на УО рекоа дека во моментот немаат што да наведат како причина , можеби тоа било причината зошто не отидоа на варијанта со разрешување“, додава Бојаџи..
Во НП стравуваат дека ќе станат жртва на пазарањето за распределба на работни места меѓу ограноците на политичките партии од власта и дека на функцијата директор ќе биде поставен нестручен кадар од надвор. Со тоа според нив може да биде загрозена заштитата на ретките видови жив свет кој може да се најде единствено во овој национален парк кој се простира во атрактивниот простор помеѓу Преспанското и Охридското Езеро.
Со измените во Законот за природа укинати се условите според кои кандидатите за раководител на национален парк мораа да имаат соодветно високо образование и најмалку 10 години работно искуство од кои 4 во заштита на природа, па така сега е потребно тие да поседуваат било каква диплома за завршено високо образование и само 5 години работно искуство било каде по струка.
Актуелниот директор вели дека тој лично нема никаков проблем што е распишан конкурс за избор на нов раководител, но се надева дека ќе биде избрано стручно лице. „Единствена молба до институциите е било кој да дојде да не го уништува она што е створено 50 години, бидејќи може да се нанесат такви оштетувања на природата и на паркот за кои после ќе се потребни долги години за опоравување“, рече Бојаџи..
Најавата за промена на раководителот на НП Галичица доаѓа непосредно по изгаснувањето на јанголемиот пожар во историјата на паркот кој уништи површина од над 4000 хектари. Пожарот според Бојаџи не е причина за најавите за смена бидејќи, како што рече, тој како и сите вработени деноноќно биле на линијата на огнот и учествувале во неговото гасење.
УО на јавната установа официјално сеуште не ги образложил причините за распишувањето на конкурс за нов директор.
Горан Момироски