Четирите политички партии се договорија за преостанатите обвинители од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, јавуваат македонските медиуми.
Партиите потписнички на договорот од Пржино ќе испратат писмо до Советот за јавни обвинители, кое ќе биде потпишано од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА и ќе побараат Советот в понеделник да ги избере останатите седуммина обвинители од предлогот на Јанева, по што тие треба истиот ден да дадат заклетва.
Такво писмо со потписи од претставниците на партиите ќе биде испратено и до Уставниот суд за тој што побрзо да се изјасни дали Законот за специјалното обвинителство е уставен.
Писмата со нивни потписи прво ќе одат до министерот за правда Аднан Јашари, кој треба да ги препрати до Советот на јавни обвинители и до Уставниот суд, за да се испочитува процедурата, односно да не испадне дека партиите се мешаат во работата на другите институции.
Советот на јавни обвинители претходно избра само седум од 14 кандидати што ги предложи Јанева за во нејзиниот тим. СДСМ соопшти дека нема да продолжи со преговорите во работните групи сè додека не се испочитува договореното.
Во меѓувреме, за информативниот портал Призма, специјалната обвинителка Катица Јанева потврдува дека се точни информациите оти одредени лица се подготвени да бидат соработници на правдата, т.н. заштитени сведоци, за содржините што произлегуваат од следењето на комуникациите.
Дел од аналитичарите коментираа дека владата се плаши од специјалната обвинителка и затоа на сите начини, преку нивните инсталации во другите институции, ќе се обидува на секој можен начин да ја опструира нејзината работа.
OhridNews
Извор: „Радио Слободна Европа“