Неверојатна моќ на кратко памтење е акумулирана во секоја пора од нашето живеење, но се чини најмногу во политиката и кај нашите политичари. Не џабе една од најпопуларните поговорки кај нас е онаа „Секое чудо за три дена“. По овој „терк“ се однесуваат, за жал, нашите политички елити, стари и нови, актуелни и помалку актуелни. Една од темите за која политичарите на моменти се однесуваат како да имаат амнезија е проблемот на Охрид со УНЕСКО, односно со заштитата на уникатното светско културно и природно наследство на Охридскиот регион.
Очекувано опозициските политичари не штедат зборови на критика за власта по прашањето на УНЕСКО. Така е и деновиве по посетата на членови на Реактивната мисија на УНЕСКО на Охридскиот регион, која го утврдуваше направеното од страна на властите во однос на препораките на Комитетот за светско наследство кој на Македонија и даде дополнителен рок до овој февруари за отстранување на проблемите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охрид поради кои тој е едно од само триесеттината места во светот заштитени од УНЕСКО по два основи, како природно и културно богатство.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ ја обвини власта на СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески дека не ги спроведуваат активностите за исполнување на препораките од УНЕСКО. Пред самиот истек на рокот се фалат со сработеното, а тоа според стручната јавност е само шминка, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Градоначалникот Георгиески лицемерно најавуваше справување во секунди и лажно објавуваше борба со дивоградбите. До каде е уривањето на сите дивоградби? Зошто не се урива бетонската база? Зошто не се почитува мораториумот за градба? Што се случи со Регистарот на дивоградби и зошто не е достапен за јавноста? Дали му се врзани рацете на Георгиески поради спроведениот изборен инжинеринг? Неспособноста на СДСМ и Георгиески е видлива на терен. Нема враќање на реката Сатеска во старото корито. Нема затворање на депонијата Буково…. – го наброја несработеносто според ВМРО ДПМНЕ, портпаролот на општинскиот комитет Перчо Божиноски.
Не шминкаме, туку правиме конкретни напори Охридскиот регион да го задржи УНЕСКО статусот, вели Министерот без ресор и претседател на националната комисија за соработка со УНЕСКО, Едмонд Адеми. Истакнува дека е направен сериозен исчекор кон исполнување на барањата на УНЕСКО. Напуштањето на плановите за изградба на ски центар и експресен пат на Галичица, формирањето на билатералниот комитет со Албанија за заедничко управување со Охридското Езеро, отпочнувањето на работите за санација на колекторскиот систем, донесувањето на планот за управување со Охридскиот регион, отпочнувањето на активностите за враќање на реката Сатеска во старото корито, отпочнатата соработка со експерти на УНЕСКО за измена на планивите за изградба на железницата и автопатот А2 кон граничниот премин Ќафасан. – се конкретни мерки кои ги презедовме, им изјави деновиве на новинарите во Охрид Адеми.
Но, што е со урбанистичкото загрозување и девастацијата на крајбрежјето со децениската неконтролирана градба овозможена со планови скроени од политичарите по мерка на локалните моќници? Што е со дивоградбите кои го загрозуваат природното и културното наследство заштитено од УНЕСКО? Се калкулира ли предизборно со најголемиот интерес на Охрид – да остане на Листата на заштитени подрачја на УНЕСКО?
-Апсолутно не се калкулира предизборно, тоа што е процес е процес и мора да се исполни, без разлика биле или не биле избори. Дивоградбите се еден сегмент и тоа најчувствителиот, меѓутоа тоа е така затоа што постојат закони, судови, управи постапки кои се почнати и ако сакате да бидете правна држава мора да ги почитувате процедурите. Сакаме да биде се по закон и како што треба за утре државата да не се доведе во ситуација да биде тужена пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и да плаќа отштети. – објасни Адеми.
Закон е закон, нема што, само каде биле институциите изминатите три децении кога се кршеле и заобиколувале и закони и планови за да стигнеме до ова дереџе?
Новоформираниот „Македонски концепт“ прстот го вперува во двете најголеми политички партии во земјата.
-Поновата историја на Охрид ја паметат денес живите генерации и тие знаат дека минатите 30 години двете партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се менуваа на власт и ваквото заедничко молчење и игнорирање на посетата на оваа мисија на УНЕСКО на Охрид само ги подгрева сомнежите дека двете партии заради блискоста со градежната мафија и бандитите во овој бизнис нанеле несогледлива штета на Охрид која сега сакаат да ја сокријат од јавноста и од граѓаните. – вели во пишаната изјава Никола Митровиќ Бабе од Македонски концепт.
Ама, изминатите 30 години додека се случуваше атакот врз природното и културното наследство сите политички концепти, стари и нови, молчеа за очигледните проблеми. Се изнагледавме и изнаслушавме политички настапи и обвинувања. Опозицијата силна на зборови, власта во молчењето и игнорирањето на проблемите. Како ги менуваа политичарите позициите во системот, така го менуваа и однесувањето. Колку ли само пресови видовме на Плаошник, покрај Езерото, пред наводни нелегални градби, во заштитени подрачја…. И речиси редовно истите тие политички субјекти кога имаа можност преку инструментите на власта нешто и да променат, не менуваа речиси ништо.
И така се во круг 30 години, дивоградба по дивоградба, педа по педа узурпација на крајбрежјето и Езерото, план по план, зграда по зграда го унаказивме Охрид до непрепознавање. Како се променил градот и како изгледа сега веројатно најдобро го опишуваат уметниците кои црпат инспирација за своите дела од Охрид:
-За жал Охрид се менува во негативен смисол и ја губи својата автентичност што е негова изворна вредност. Тој локациски урбанизам, инвеститорски урбанизам во кој се се’ гледа низ призмата на парите и профитот ги менува градовите и ликот на целиот свет воопшто, особено на места како Охрид кои се интересни. Сите тука сакаат да заработат и да профитираат не чувствувајќи и не водејќи сметка дека со тоа го девалвираат местото. Градат неадекватни објекти и применуваат архитектура која нема врска со контекстот и тоа ме растажува.
-Посебно жал ми е за оној дел на градот како Сараиште, Ј’но, каде што можеше да се излезе на плажа, имаше живост, комуникација, сега се е тоа забарикадирано. Новото време носи нови работи, не е тој Охрид тоа што беше.
Изјави на еминентни уметници од архивата на OhridNews за уништувањето на Охрид
Каде бевме сите ние 30 години?
Г. Момироски