ОК на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани им го честита големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.
– Велигден е денот кога ја славиме победата на животот над смртта и ден кој не потсетува на потребата својот живот да го поминеме исполнети со љубов кон блиските, духовен мир, но и разбирање и почит кон другите. Со позитивна мисла сите ние го креираме сопствениот спокој но и придонесуваме кон благосостојба и напредок на другите околу нас. Нека ни е честит денот на Христовото Воскресение и нека ни донесе љубов, мир и спокој во нашите семејства и Македонија, се наведува во честитката од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.
Честитка до верниците за големиот празник упатува и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Упатувам искрена честитка, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз, до сите граѓани во Република Македонија кои го чествуваат големиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден. Светлината на Христовото Воскрение е симбол на откровението на вистината – спасителка на светот и на човекот, вели претседателот на СДСМ.
По повод Христовото воскресение честитка до верниците упатуваат и од охридското здружение Титоисти.
– Во овие тешки времиња на секојднева егзистенцијална борба, во сечиј дом и во секое срце, денешниот празник нека донесе светлина и верба во животот, мир и благосостојба. Велигденските денови нека бидат повод да разбереме и да бидеме разбрани, да поделиме љубов , да подадеме пријателска рака и да се обединиме во искрените желби и намери, за создавање посветла иднина за нас, меѓутоа, пред се, за оние кои ќе ги оставиме во наследство, велат од здружението Титоисти.
OhridNews