Ракометниот клуб Вардар го елиминираше Пик Сегед и обезбеди учество во серија на завршниот турнир во Лигата на Шампиони. „Црвено црните“ во првиот меч во Скопје триумфираа со 31-23, а во Сегедин изгубија 29-25, што беше доволно за трето учество помеѓу најдобрите екипи на стариот континент.
- Направивме голема работа. За играта на момците во второто полувреме треба да им се честита. Се беше против нас, но играчите покажаа како се игра, како се сака клубот и како се издигнуваат екипи како што е Вардар. На полувремето во соблекувалната добро се погледнавме во очи и си кажавме реални работи кои мора да ги поправиме. Победата во двомечот и пласманот на Ф4 им го подаруваме на навивачите кои ни дадоа поддршка во Сегедин и во Скопје на оној незаборавен натпревар. – изјави шпанскиот стратег Гарсија Парондо.
Предводникот на Вардар ќе дебитира на Ф4, бидејќи „црвено црните“ претходните две години за тренер го имаа Раул Гонзалес. Македонскиот состав во 2017 година ја покори Европа, а минатата сезона запрен беше во полуфиналето од Монпеље, кој подоцна ја освои титулата.
OhridNews