Заклучоците по Информацијата за состојбата во медиумите за која парламентарците расправаа два дена доцна синоќа не беа усвоени од Собранието.

За нив гласаа 35 пратеници, а против беа 60.

Опозицијата обвинува дека постои медиумски мрак и дека е уништено професионалното новинарство.

Според нив, недозволиво е бркање на новинарите од работа и затворање на медиумски куќи кои се критички настроени кон власта.

Пратеникот Горан Мисовски од НСДП рече дека во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ се обидува преку одредени законски измени да воспостави тотален медиумски мрак.

„Секоја чест за оние кои известуваат објективно. ВМРО-ДПМНЕ се обидува да инсталира општество во кое преку пресови се врши уцена и закани до новинарите. Во земјава се спроведува класична медиумска полициска правда“, рече Мисовски.

Власта ги отфрли обвинувањата од опозицијата и смета оти сака да создаде слика дека во Македонија нема слобода на медиумите. Според владејачкото мнозинство македонските медиуми се слободни и имаат автономна уредувачка политика.

Пратеничката Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека освен за затворањето на А1 телевизија СДСМ не зборуваат за состојбата во другите медиуми.

OhridNews
извор:„Макфакс“