На дневен ред на денешната пленарна седница на Собранието на Република Македонија ќе се најде  Предлог- законот за прогласување на дел од планината Галичица за национален парк.

Како што за OhridNews изјави охридската пратеничка Анита Кипаризоска, предлог- законот е подржан од страна на сите охридски пратеници и се очекува набрзо да биде усвоен од страна на собранието.

Охридските пратеници претходно побараа да се помести долната граница од Националниот парк Галичица заради реализација на одредени инфраструктурни проекти и планови во населените места на крајбрежјето кои влегуваат во строго заштитената зона на паркот.

– Ние бараме да се изнајде решение со кое луѓето би можеле да добиваат соодветни дозволи да градат, а со тоа да не се  нарушува строго заштитената зона, односно  истовремено да е во интерес и на  заштитата на животната средина и на граѓаните, вели пратеникот Томе Чингоски.

На одржаните собраниски комисии, беше побарано и покрај јавните установи, со националниот парк да располагаат и општините на чија територија тој се протега. –  Граѓаните кои тука живеат многу подобро ги познаваат проблемите и знаат да ги решат подобро од било кој друг, потенцира Чингоски.
 
Дали ваквите барања ќе бидат прифатени зависи од текот на амадманската расправа која ќе се води по предлог- законот.  

Инаку, Законот ќе овозможи донесување план за управување и просторен план за Национаолниот парк Галичица.

OhridNews