Уредувањето на Галичица е дел од промотивните активности за заживување на рекреативниот планински туризам, како нова содржина на туристичката понуда од Охридскиот регион. Активностите се дел од тригодишниот проект „Поддршка на НП Галичица“ финансиран од германската КФВ банка.
– Традиционалните излетнички места Корита и Јадера, се современо уредени и располагаат со атрактивни содржини и реквизити, кои ќе придонесат престојот на посетителите да биде попријатен и поинтересен. Истото е направено и со видиковецот Коритски Рид, за кој мора да се спомене дека е своевидна атракција во паркот и вреди да се посети. Тоа е единственото место во паркот од каде може да се види целото крајбрежје на Охридско Езеро – вели Наумче Новески, раководител на секторот за заштита во НП Галичица.
Тој нагласува дека планината Галичица е уникатна по тоа што има голем број места од кои може да се видат прекрасни панорами над езерото и над градот. Ако овие места подобро се промовираат, а воедно се обезбеди и соодветен пристап до нив, може да бидат привлечни за туристите, планинарите и љубителите на природа.
– Покрај споменатите пикник-локалитети, планирано е да се уредат уште неколку атрактивни места за излет и рекрација. Исто така деновиве ќе почне и воспоставување на системот на патеки низ паркот. Системот ќе опфати патеки за пешачење, планинарење и за велосипедизам. Ќе има патеки и за рекреација, кои ќе бидат лесно совладливи, но и патеки за професионални, планинари и велосипедисти. Сето тоа ќе придонесе за организирање на настани од европски и светски рамки – вели Новески.
Преземените активности укажуваат на тоа дека паркот Галичица ќе прераснува во модерен, европски национален парк, кој ќе придонесе за промоција на целиот Охридско-преспански регион, како и за промоција на рекреативниот планински туризам во Македонија, кој досега и покрај големите потенцијали не е развиен.