Цените за паркирање во прва и втора зона, во текот на летната туристичка сезона, ќе се зголемат за десет денари, одлучи мнозинството советници на денешната 40- та седница на советот. Согласно одлуката, во текот на месеците јуни, јули и август за паркирање во централното градско подрачје за времетраење од еден час, наместо сегашните 30 денари, ќе се плаќаат 40 денари.

Како што објасни директорот на јавното претпријатие „ Билјанини извори“ кое стопанисува со паркинзите, Ристе Мишев, станува збор за неопходна мерка со која од една страна ќе се растерети сообраќајот во центарот на градот, а од друга страна ќе се подобри финансиската сотојба во која се наоѓа претпријатието.

Воведувањето на наплата за паркирање првенствено се прави со цел регулирање на сообраќајот. Во летниот период се воведува нов сообраќаен режим со кој ние како јавно претпријатие губиме значаен број паркинг места.  Затоа сметаме дека со воведување на оваа мерка би ги надополнале загубите кои би ги претрпеле со летниот режим на сообраќај. При тоа ќе се зголемат и приходите со кои полесно ќе се сервисираат обврските и наследените долгови, потенцира Мишев.

Според советниците од опозицијата, оваа одлука негативно ќе се одрази врз имиџот на градот. Како што велат, покачувањето на цените за паркирање е непопуларна мерка со оглед на тоа дека се однесува на шпицот на туристичката сезона.

Во екот на новата туристичка сезона ќе се даде еден лош сигнал до целокупната јавност дека цените во Охрид се зголемуваат. Зголемувањето на цените удира и по џебот на охриѓани. Проблемите во јавното претпријатие „ Билјанини извори“ не се решаваат со зголемување на цените во текот на три месеци, туку со набавка на систем за СМС наплата , кој треба да го набави јавното претпријатие или општина Охрид, а не да се оди со јавно- приватно партнерство како што претходно одлучи советот, бидејќи партнерот ќе ги собере целокупните придобивки, а јавното претпријатие нема да го реши проблемот со финансиските потешкотии, вели советникот од ВМРО- НП, Јоне Станкоски.

Јован Стојаноски од СДСМ, потенцира дека зголемувањето на цените, секогаш не резултира со зголемување на приходи.  

Три месеци по усвојување на планот за работа на претпријатието ние имаме промена на цени. Пред три месеци не знаеја дека треба да го растеретат сообраќајниот метеж? Не знаеја дека треба да има дополнителни приходи? И студентите знаат дека секое зголемување на цената не реагира со зголемување на приходите, затоа што во овој случај ќе се намалат и бројот на паркинг услуги. Пред почеток на сеозоната сами придонесуваме за антипропагандата за Охрид дека поскапеле услугите. При тоа, никој не излезе со точна пресметка- за  колку ќе се зголемат приходите, за колку ќе биде намален сообраќајниот метеж, само со некои паушални искажувања, вели Стојаноски.

На денес одржаната 40- та седница на советот, без да се развие расправа помина информацијата за содржината и текстот на договорот за избор на приватен партнер за јавно приватно партнерство за модернизација, проширување и одржување на системот за јавно осветлување на општина Охрид.

Советниците расправаа и за измените и дополнувањата на развојните програми од повеќе сфери.

Т. К.