Охрид, како најголема туристичка дестинација во нашата земја, одамна има потреба од регулиран паркинг за автобусите. Заедно со недостигот на ефикасен колекторски систем, катни гаражи, марина и јавни тоалети во стариот град, паркирањето на автобусите се наметнува како еден од најгорливите инфраструктурни проблеми во Охрид.
Притоа, зголемувањето на бројот на туристи секоја година носи се’ поголем хаос во сообраќајот, особено во централното градско подрачје, “Bus Stop” зоната пред Студентскиот дом, на булеварот Туристичка (главната сообраќајна артерија во градот), како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, каде се лоцирани и најголемиот број хотелски капацитети.
За жал, во ниеден просторен план на Охрид, во контекст на развојот на туризмот, не е предвиден поголем простор за паркирање на робустните транспортни средства. Ние како јавно претпријатие кое стопанисува со паркирањето на автомобили во градот, имаме одреден простор и за паркирање на 20 големи возила, во рамките на спортскиот комплекс Билјанини извори. Но, со оглед на градежните активности околу новите спортски објекти, како и зголемената фреквенција на автобуси во текот на летната сезона, овој простор ни оддалеку не може да го реши проблемот со паркирање на автобусите. – изјави Тео Андоновски, директор на ЈП Билјанини Извори.
Во недостиг на регулиран паркинг, автобусите се паркираат буквално насекаде, без никаква контрола, честопати загрозувајќи го и сообраќајот по главните градски улици и раскрсници.
Проблемот е толку сериозен што бара ангажман на повеќе инстанци и на локално и на државно ниво, особено на сообраќајната полиција. Заради комплексноста и сериозниот приод кон решавање на овој проблем, првиот чекор беше да побараме мислење од независни стручњаци кои најдобро ја познаваат оваа проблематика. – потенцираше директорот Андоновски.
Автор на студијата е Д-р Зоран Тунтев, редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Во исто време, Професорот Тунтев повеќе од триесет години e активно ангажиран и како лиценциран туристички водич. Токму од долгогодишното делување “на терен” и работа со групи, произлегува и предлог – студијата за регулирање на дневниот паркинг и ефикасна времена дислокација на автобусите од централното градско подрачје.
Искуствата од другите туристички дестинации на Балканот и во Европа покажуваат дека паркингот за автобуси мора да биде дислоциран подалеку од градското јадро. Студијата нуди решение кое оди во прилог на растоварување на атрактивната зона, намалување на сообраќајниот импакт врз крајбрежниот појас и најфреквентните градски улици. Конечно, оваа кратка студија дава прецизни инструкции на сите три релевантни институции, кои мора перманентно да соработуваат и координирано да спроведат неколку активности, а тоа се: локалната самоуправа, сообраќајната полиција и компанијата која ќе обезбеди адекватен простор за паркинг. – изјави професорот Тунтев.
Со регулирање на протокот и паркирањето на автобусите, оваа иницијатива може успешно да “покрие” уште еден многу значаен дел од инспекциското работење во Охрид, а тоа е санкционирање на групите без лиценцирани водичи. Едноставно, со контрола на автобусите многу лесно ќе се изврши проверка на многуте групи кои не ги користат услугите на домашните туристички водичи.
Исто така, редовните контроли на дивите паркинг простори постепено ќе отворат простор за решавање на уште еден сериозен проблем, а тоа е регулирање на паркингот на сите кампинг возила, кои ги има се’ повеќе низ градските улици, по целото крајбрежје, па дури и во стариот дел од градот. Едноставно, нема никаква логика да им се дозволува див престој на многуте туристи, кои узурпираат атрактивен простор, преспиваат, а за тоа не плаќаат никаков надомест, ниту барем туристичка такса, а притоа зад себе оставаат многу нечистотии и отпад. – посочува проф. Тунтев, автор на Студијата
Г.М.