Главниот осомничен за џихадистичките терористички напади од ланскиот 13-ти ноември во Париз, Салах Абдеслам, планирал напади и во парискиот кварт Дефанс, на аеродромот во Тулуз, во музеј во Лил и на мост во приморскиот град Сен-Назер, објави вчера телевизијата BFMTV повикувајќи се на сознанија на истрагата.

За извршување на своите планови, терористите планирале покрај напади на бомбаши самоубијци, да користат и подметнати експлозивни направи, дронови како и авион полн со експлозив, се наведува уште во извештајот.

Информацијата за плановите на терористите иследниците ги добиле со проучување на компјутерот на Салах Абдеслам, кој во март бил запленет во Белгија, во општината Форе. Покрај плановите за нови терористички напади, во компјутерот било најдено и видео на терористот Мохамед Мера, кој во 2012 година изврши напад пред еврејско училиште во градот Тулуз, кога уби пет ученици и еден професор.

Вечерта на 13-ти ноември 2015 година три координирани групи терористи извршија серија напади во Париз и пред фудбалскиот стадион во предградието Сен Дени, каде што се разнесоа бомбаши самоубијци. Другите напаѓачи стрелаа на терасите од кафулињата и рестораните во централните квартови на француската престолни, а најмногу од 130-те жртви, повеќе од 80, имаш во концертната сала „Батклан“. Во нападите беа ранети повеќе од 350 луѓе.

Братот на Салах, Ибрахим Абдеслам, како што се смета, се разнел на булеварот „Волтер“ во Париз. Самиот Салах Абдеслам беше уапсен на 18-ти март годинава во бриселскиот кварт Моленбек во текот на полициска рација, кога беше ранет полесно во ногата.

OhridNews
Извор:„Макфакс“