Државниот инспекторат за животна средина – ДИЖС издаде ново Решение за депонијата Буково со која управува ЈП „Охридски Комуналец“, во кое освен санкции, пропишани се и мерки за гасење на пожарите на депонијата. ДИЖС соопшти дека на правното лице му е изрешена парична казна во висина од 6.000 евра во денарска против вредност, а со 800 евра е санкционирано одговорно лице во претпријатието.
На ден 27.08.2021 година извршен е контролен инспекциски надзор по претходно издадено Решение на ЈП Охридски Комуналец-Депонија Буково, Охрид каде што правниот субјект беше задолжен да ја изгаси депонијата и континуирано да ја прекрива со земја. При инспекцискиот надзор е константирано дека на лице место има појава на горење на депонијата на неколку локации од кои има густ чад. Депонираниот отпад не беше израмнет и прекриен со земја. На лице место имаше булдожер кој го рамнеше депонираниот отпад, а немаше екипи кои го гаснат опожарениот дел, стои во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.
Од инспекторатот додаваат дека доколку од страна на правното лице не биде постапено по претходното издаденото решение ќе бидат изречени нови санкции согласно законот.
Од ЈП „Охридски комуналец“ за OhridNews кратко изјавија дека се уште не се известени за ваквата одлука и ќе се произнесат со став по добивање на решението.
OhridNews
Фото: Државен инспекторат за животна средина