Бизнисот со нула вработени цвета. Тоа се фирми управувани од еден човек, најчесто газда кој не е пријавен како вработен, затоа што обично има и други фирми, па некаде му течат придонесите. Но, како што велат упатените, тоа може да биде и некое ангажирано лице со некаков менаџерски договор. Постојат дејности, како на пример, продажба на струја, каде што е лесно да се врти милионскиот бизнис со еден управител без вработени, Но, така може да функционираат и некои сосема мали бизниси. Едноставно, тоа го дозволува Законот за трговски друштва.
И така, во државава се собрало едно сериозно друштво на фирми без вработени, кое брои дури 1.535 компании! Тие имаат вкупен приход од 41,9 милиони евра и чист профит од 5,2 милиони евра, покажува анализата на порталот „Пари“ во соработка со Бизнис мрежа.
ВО ТРИ ГРАДОВИ – 68 ОТСТО ОД ФИРМИТЕ
Фирмите без вработени главно се концентрирани во три градови, во Скопје, Охрид и во Битола, каде што се наоѓаат 1.050 фирми со нула вработени. Или 68 отсто од вупниот број на вакви фирми. Во Охрид нивната бројка изнесува 150 и е веднаш зад Скопје каде има 791 фирма, а во топ три влегува и Битола со 109 фирми.
Целата анализа е достапна на ЛИНКОТ.
OhridNews
извор. Пари.мк