Не учат, не работат, а прашање е дали заработуваат на црно или само се надеваат на некакво вработување. Иако е неверојатно дека во подолг временски период не може да се дојде до работен ангажман, сепак Агенцијата за вработување евидентира 13.133 невработени лица коишто се пријавуваат осум или повеќе години, што ги прави стари и искусни чекачи. Чекачки има помалку, зашто повеќе од две третини се мажи. На тој пат се можеби и некои од оние што се на листите од четири до седум години.

Од друга страна, во Македонија се дефицитарни одредени струки, па решението се бара преку увоз на работна сила „поради сѐ поспецифичните барања на работодавачите“. Нема доволно работници во градежништвото, во угостителството и во производството, посочи неодамна заменик-директорката на АВРСМ, Весна Пешова.

Наспроти специфичните барања на работодавачите е образовното ниво на кандидатите за работа. Порталот Пари ги доби бројките од Агенцијата обработени токму за групата лица со најдолг стаж во евиденцијата. Сознанијата од оваа анализа, базирана врз податоците, но и од неофицијалните кажувања, е поразителна. Пред сѐ од аспект на образовното ниво, но и на стекнатото знаење од кое зјаат помали или поголеми дупки.

ПОВЕЌЕТО СЕ МАЖИ, БЕЗ ИЛИ СО МИНИМУМ ШКОЛО

За кусо време, од јули до септември, групата на долгогодишни клиенти на АВРСМ се зголемила за 15 лица. Во структурата на веќе споменатите 13.133 лица, доминантни се мажите. Тие претставуваат 66,3 насто, или со бројки, според септемвриската состојба, 8.707 лица. Останатите 33,7 насто, односно 4.426 лица, се жени коишто осум или повеќе години се во активна потрага по работно место.

Понатаму, во најголем дел се работи за луѓе коишто ја надминале петтата деценија. Со 50 или повеќе години се пријавени 8.289 лица, што претставува 63,1 процент. Лица на возраст до 49 години се 36,9 насто од невработените, или 4.844 лица.

Што се однесува до школската подготовка, најмногубројни се оние што застанале на почетното скалило. Без и само со основно образование се 8.485 од заведените во оваа листа (64,6 насто). Следуваат тие со тригодишно и четиригодишно средно образование – 3.988 (30,4 насто).

Меѓу чекачите има и 140 лица со завршено вишо образование. Тие се најмалубројни – 140, или 1,1 насто. А, пак, нецели четири насто од долгогодишните баратели зад себе имаат високо образование. Конкретно, забележани се 520 факултетлии.

Целата анализа е достапна на ЛИНКОТ.

OhridNews

извор. Пари.мк