Креаторот на парфеми Геза Сен направил парфем кој потсетува на свежо одштампана книга. Инспирација за ова необично искуство дал германскиот моден дизајнер Карл Лагерфелд за кој мирисот на свежи одштампана книга е најдобриот мирис на светот. Лагерфелд е познат како голем вљубеник во книгите кој поседува огромна куќна библиотека. Сопственик е на повеќе од 300 илјади книги, а исто така е и сопственик на една француска издавачка куќа, како и на неколку книжари.
Иако не учествувал во производството на овој парфем, славниот моден креатор го дизајнирал неговото пакување во облик на книга во чија внатрешност се наоѓа шишенцето. Парфемот бил створен во соработка на списанието „Wallpaper“ и германската издавачка куќа Герхард Штидл. Прв пат бил претставен на изложба на ракотворби во Милано, а чини 115 долари.