Во екот на пандемијата од коронавирусот Ковид – 19, на брегот на Охридското Езеро, во Градиште, во месец март, започна изградба на потпорен ѕид на плажа. Случајот е актуелизиран повторно викендов, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии како се одвиваат градежни активности до самото езеро, што предизвикаа голем револт кај охриѓани, кои бараат одговорност за ваквата постапка.
Иако не се наведува кога се направени, фотографиите се автентични и актуелни, а потврда стигна и од градоначалникот на Општина Охрид. Тој во објава, исто така на Фејсбук, напиша дека градежните дејствија се одвиваат незаконски. Тоа било констатирано од општинската градежна инспекција уште пред речиси два месеца, а на изведувачот му е даден рок да ја отстрани дивоградбата.
Чувствувам обврска, поради денешните бројни реакции кои лично од граѓаните и преку медиумите пристигнаа за изградбата на ѕид во непосредна близина на Охридското Езеро во авто – кампот „Градиште“, да Ве информирам дека инспекциските служби на општина Охрид, на 24.03.2020 година, извршија увид и составија записник.
Согласно законските процедури донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а доколку тоа не го направи во предвидениот рок, општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот.
Ве уверувам дека никој од Локалната самоуправа, а ниту јас лично сме издале или имаме намера да издадеме одобрение за изградба на објекти кои директно влијаат врз загадувањето на Охридското Езеро, или го нарушуваат светското природно и културно наследство. – напиша Георгиески.
Овој еколошки инцидент се случува во исклучитено чувствителен период за Охрид, кој се бори да го задржи статусот на светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО, кој е доведен во прашање токму поради вакви случаи, несоодветна заштита и целосна негрижа од надлежните институции.
Секој ден, со секој еден ваков нов пример, само се потврдува лицемерноста на локалната и централната власт, отсуството на вистинска волја за справување со ваквите девијации. Додека козметички дотеруваа во извештајот до UNESCO, на терен имаме сосема спротивна практика. Од Радожда до Свети Наум. Благодарение на наши сограѓани, секој ден излегуваат на виделина вашите „подвизи“ и вистинското ваше лице. Ве заболе вас за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Ве интересира само профит и узурпација, и кој повеќе ќе ви тутне в џеб. Наместо справување со дивоградбите, аминувате да се градат нови. – остро реагира до надлежните институции неформалното еколошко движење „OhridSOS“.
Екологистите ги повикаа инспекциските служби во Општина Охрид веднаш да излезат на терен, да ја запрат изградбата и да ги санкционираат сторителите.
OhridNews
фото: Фејсбук