Српски турист бил  повреден при обид на  параглајдерист принудно да слета  на плажата  кај авто-кампот Љубаништа. Инцидентот се случил вчера околу 13.10 часот. Очевидци кои ја контактираа нашата редакција кажуваат дека параглајдеристот одненадеж се појавил над плажата и при принудно слетување со голема брзина удрил директно во капач кој стоел  покрај водата на плажата.
Се’ се случи многу брзо. Во еден миг го видов параглајдеристот дека пробува да слета на плажата меѓу цела толпа луѓе кои  се сончаа на топлиот песок и тогаш ненадејно удри во човекот кој мирно си стоеше на работ од плажата со нозете во вода. Од самиот удар човекот молскавично падна на песокот, а параглајдеристот се стркала 10-на метри понатаму. За среќа веднаш притрчавме да му помогниме на повредениот човек, по потекло од Србија, кој лежеше во бесознание со видливи повреди на лицето и на десната страна од стомакот, а параглајдеристот мирно гледаше од далечина и едноставно ја остави опремата и без да пружи помош незаинтересирано се оддалечи од местото на настанот.-ја раскажува драматичната случка, очевидец на несреќниот настан.
 
На лице место дошле спасувачите од плажата, обезбедувањето и управникот на кампот, а по педесетина минути пристигнала и брзата помош која го згрижила повредениот, кој бил пренесен во болница. Инцидентот го потврди и СВР Охрид, од каде информираат дека туристот се здобил со лесни телесни повреди

Граѓаните велат дека не е прв пат да се случи ваква трагедија во Љубаништа. „Многу пати параглајдеристите слетуваат меѓу луѓето и ги повредуваат, се случува и да слетаат на некое од многубројните дрвја или на тендите од блиското кафуле. Оваа година тие имаат ново место за слетување кое е настрана од кампот “Љубаништа” но еве се случува некој од  парагладеристите принудно да слета на плажата полна со луѓе“, велат тие.


Параглајдери над Љубаништа

Сличен инцидент на плажата во Љубаништа се случи минатата година во јули, кога исто така при неуспешно слетување руски параглајдерист повреди дванаесетгодишно девојче од Радовиш.

Поради условите и прекрасните пејзажи кои ги нуди, планината Галичица е привлечна за параглајдеристите. Поискусните параглајдеристи укажуваат дека доколку се почитуваат безбедносните норми, ваквите инциденти можат да се избегнат.

-Параглајдингот е безбеден онолку колку што сака пилотот. Ако пилотот рескира и слетува од Галичица со 200 ќе направи несреќа. Параглајдингот е безбеден онолку колку што сака пилотот, велат тие.

OhridNews