Откако Велика недела, седмицата пред католички Велигден, ја одбележаа терористичките напади во Брисел, челникот на Римокатоличката црква папата Франциск ги повика католичките верници во светот да не губат надеж во овој мрачен свет, пренесува „Макфакс“.

„Да не им дозволиме на темнината и на стравот да нé одвратат и да нé контролираат“, порача папата Франциск на хомилијата (беседа) во текот на литургијата на Велигденското бдение во Базиликата на свети Петар.

Папата Франциск веќе неколкупати претходно седмицава, а потоа и на литургијата на Велики петок ги осуди терористичките напади во Брисел во кои беше убиен 31 човек, наведувајќи дека следбениците на религиите кои ги изведуваат чиновите на фундаментализам или тероризам го профанираат Господовото име.

Надеждта беше главната тема на саботната вечерна литургија, а папата зборот „надеж“ ги употреби дваесетина пати во текот на кусата хомилија во која зборуваше за христијанското верување во Христовото станување од мртвите три дена по распнувањето на крстот, пренесуваат агенциите.

„Господ да нé ослободи од тоа да бидеме христијани без надеж, кои живеат како Бог да не воскреснал, како нашите проблеми во средиштето на нашите животи“, рече Папата.

OhridNews
извор:„Макфакс“